X
 13.12.2019 Живот

Постигнат договор за климатски неутрална Европа

Европските лидери на самитот во Брисел постигнаа договор за климатски неутрална Унија до 2050 година.

Маратонските разговори на претседателите на држави и влади од ЕУ, кои траеја до денеска по полноќ, како приоритет го имаа договорот за постигнување нулта емисии на штетни гасови во земјите од Унијата.

Планот за „климатски неутрална Европа“ веднаш го поддржаа 25 членки, додека Полска, Унгарија и Чешка своите потписи ги условуваа со дефинирање датум, трошоци и начин на декарбонизација.

Едно од прашањата околу кои се водела дискусија меѓу земјите-членки е можноста поголемиот развој на нуклеарна енергија во Европа да ги замени енергетските извори кои најмногу ја загадуваат животната средина предизвикувајќи ефект на стаклена градина.

Освен разговорите за климата, лидерите на ЕУ брзо се согласија околу продолжувањето на европските санкции против Русија.

Во текот на вечерата во Брисел, лидерите го разгледаа и буџетот на ЕУ за следните седум години и го овластија претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, да ги продолжи преговорите со цел финализирање на договорот за буџет.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот