X
 27.01.2022 Живот

Германска компанија ќе им плаќа по 500 евра на сите што ќе бидат повикани на интервју за работа

Компаниите во еврозоната станаа толку очајни во потрагата по работници, особено во ИТ-секторот, што воведуваат парични бонуси за одредени фази од постапката на избор на нови вработени.

Пример е германската компанија „Дојче Фамилиенвершерунг“, осигурителна компанија која им нуди 500 евра на сите што ќе бидат повикани на интервју за работа во компанијата. Дополнително, сите кандидати што ќе бидат повикани на втор разговор ќе добијат 1.000 евра, а оние што ќе го завршат шестмесечниот пробен период ќе добијат уште 5.000 евра бонус.


Фото: Pixabay

- Особено е тешко да се најде некој со ИТ-вештини. Се натпреваруваме со гиганти како „Алианз“ кои лесно може да вработат стотици луѓе од целиот свет, но ние не сме заинтересирани за вработување луѓе во Индија, ние сакаме луѓе тука, во Франкфурт - изјавил Штефан Нол, основач на компанијата за „Фајненшал тајмс“.

Многу земји во Европа се соочуваат со недостиг на работна сила, особено во областа на информатичките технологии, здравството, градежништвото и угостителството. Според анкета на 9.000 германски компании, 43 отсто од нив изјавиле дека немаат доволно квалификувани работници.

Во Франција, 54 отсто од компаниите во секторот на услуги имаат тешкотии да вработат нови луѓе.


Фото: Pixabay

Германската влада ветила дека ќе ја зголеми минималната плата, а Шпанија сака да им стави крај на привремените договори за вработување, какви што имаат една четвртина од сите вработени лица во земјата.

Италија има поинаков проблем. Иако невработеноста е помала отколку во Шпанија, премногу луѓе одлучуваат да не работат, особено жените. Затоа, земјата планира да создаде работни места за чување деца за да ја зголеми вработеноста кај жените и младите.

Извор: Financial Times
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот