Благодарение на подводен робот за истражување, океанографите успешно ги собрале првите податоци од под источните ледени полиња на Антарктикот иако научниците не знаеле дали или кога жолтиот автономен робот ќе се врати на површината на океанот по нуркањето под мразот.
Како дел од тековниот проект „Арго“, автономниот робот поминал повеќе од две и пол години пловејќи приближно 300 километри низ студените океански струи. Во тоа време собрал речиси 200 извештаи со податоци за температурата, притисокот и соленоста на водата, како и нивоата на кислород, pH и нитрати. Во одреден момент роботот нурнал под ледените полиња на Денман и Шаклтон и таму поминал осум месеци собирајќи податоци од регион кој никогаш претходно не бил достапен.
- Овие набљудувања даваат нов увид во ранливоста на ледените полиња - вели Стив Ринтул, океанограф кој работи во Австралиската организација за научни и индустриски истражувања.

Фото:
Pete-Harmsen / Australian Antarctic Division
Шаклтон е најсеверниот глечер во Источниот Антарктик и сè уште не е изложен на потопли води кои би можеле да го стопат. Но, Денман е во поризична состојба. Само исчезнувањето на Денман би придонело за речиси 1,52 метри зголемување на глобалното ниво на морето. Податоците покажаа дека Денман сега е изложен на потопли води, што може да го забрза топењето и да предизвика нестабилно повлекување на мразот.
- Во оваа огромна и сурова област, ова е неверојатна приказна за мало пловило кое успеало - додаде Делфин Ланузел, океанографка која претходно ја истражувала состојбата на океанот покрај ледениот гребен Денман.
Истражувачите се надеваат дека роботот „Арго“ нема да биде последниот што ќе ги посети овие и други ледени полиња. Ринтул објасни дека ваквите роботи обезбедуваат витални податоци кои помагаат да се подобрат климатските модели и да се намалат неизвесностите околу зголемувањето на нивото на морето.