X
 14.01.2024 Наука

Луѓето со суицидни мисли покажуваат хемиска шема во крвта

Научници нашле начин да ги идентификуваат луѓето што се во најголем ризик од суицидно однесување врз основа на биолошките маркери во нивната крв.

Анализата не е сигурна, но на тест на речиси 200 учесници - од кои половина имале големо депресивно нарушување и суицидни мисли, а половина немале - точноста на дијагнозата била околу 90 отсто.

Импресивниот резултат бил постигнат со користење само неколку маркери на производство на енергија во клетките на телото: пет метаболити во крвта на жените и различни пет кај мажите.

Сѐ на сѐ, одредени лица со големо депресивно нарушување отпорно на третман покажале значителни недостатоци на крвни метаболити како карнитин (кој игра улога во производството на клеточна енергија), CoQ10 (кој помага храната да се претвори во енергија), фолна киселина (која ја регулира генската експресија), цитрулин (кој помага во отстранувањето на токсините), Витамин Д (кој е поврзан со апсорпцијата на калциумот) и лутеин (кој има антивоспалителни својства).

Научникот Роберт Навио од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, вели дека никој од овие метаболити не може целосно да излекува депресија, но резултатите покажале дека може да има некои работи што може да се направат за метаболизмот да се насочи во вистинската насока и да им помогне на пациентите подобро да реагираат на третманот, а во контекст на самоубиство, ова може да е доволно за да се спречат луѓето да не го преминат прагот.

Во меѓувреме, биомаркерите како млечната киселина и фибробласт факторот на раст (FGF21), кои се поврзани со митохондриски стрес, биле зголемени кај оние што имале суицидни мисли.

Додека симптомите на големото депресивно нарушување примарно се психолошки, во текот на изминатата деценија истражувањата сѐ повеќе наоѓаат врска меѓу депресијата и метаболичките болести. Двете состојби покажуваат скриени хронични воспалителни состојби.

Со оглед на тоа што клиничките третмани за депресија не функционираат за сите, многу научници сега ги проучуваат инфламаторните маркери со надеж дека ќе најдат нови цели за лекување. Во конкретната студија истражувачите мереле 448 метаболити за да најдат само неколку кои се поврзани со депресија и суицидни мисли. Додека претходни студии ја поврзуваа депресијата со зголемен оксидативен стрес во клетките и ткивата, оваа посочува поразличен ефект за оние со суицидни намери.

Студијата е објавена во „Транслејшнaл сајкајaтри“.

Извор: Science Alert
Фото: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука