Ако некогаш сте имале паничен напад, или нешто блиско до паничен напад - тогаш знаете дека доаѓа од никаде, ја опфаќа секоја клетка од вашето битие и ви дава чувство на исцрпеност.
Може да ве остави без здив, борејќи се за воздух. Некои велат дека практично си го слушате сопственото отчукување на срцето во градите; други велат дека се чувствуваат како да умираат.
Но, и да се опише целото искуство - нема да биде доволно. Се` додека не бидете сведок на ваков напад, се` додека не почувствувате ваков напад, тешко дека ќе сфатите какво е навистина чувството на нападот на паника.
Една жена од Рагби, Англија се обидува да го промени сето тоа, со тоа што се обидува да ја подигне свеста за нападите на паника предизвикани од вознемиреност. На 3 април, со Фејсбук пост, Амбер Смит им откри на своите следбеници дека постојат две страни од нејзината личност: една која и` ја покажува на јавноста, и друга која ја крие позади затворени врати, често во срам. Првата, како што објаснува таа, често е позитивна и среќна. Таа носи шминка и изгледа самоуверено, и го гледа светот преку топол, златен Инстаграм филтер. Како што пишува таа, „ова е нормалната страна од мене“.
Другата страна е помалку совршена. Таа не носи шминка, изгледа исплашено и зјапа во светот со исплашени очи. „И ова е нормалната страна од мене која повеќето луѓе не ја гледаат...“
Во нејзиниот пост, кој беше споделен повеќе од 30.000 пати, нејзината порака е едноставна, а сепак моќна: „За сите оние кои поминуваат низ истото, ве молам немојте да страдате во тишина. Постои огромна поддршка наоколу - не се плашете да побарате помош“.
Таа пишува:
„Ми се смачи од фактот дека живееме во 2016 година и се`уште постои стигма околу менталното здравје. Ми се гади што толку многу луѓе се неуки и осудуваат. Истражувањата велат дека 1 од 3 луѓе страдаат од ментална болест во одреден момент од нивниот живот. 1 од 3! Дали знаете колку луѓе се тоа во светот? А сепак јас се борам со анксиозност и депресија со гоедини и години, а се`уште постојат луѓе кои коментираат: „ќе го пребродиш тоа“, „не ти требаат апчиња, само биди посреќна“ или „премногу си млада за да страдаш од тоа“.
Безброј корисници на Фејсбук коментираат на нејзината објава со пораки за охрабрување - од оние кои и` честитаат за нејзината храброст, до оние кои ја споделија својата приказна.
„Толку ми е мило што го читам ова, го имам истото чувство со мојата анксиозност и смачено ми е од тоа луѓето постојано да велат: „ќе бидеш во ред, само преброди го“, пишува Ејми-Луис.
„Ти си многу храбра, силна дама. Мило ми е што запознавам некој кој зборува за тоа. Страдам од депресија и анксиозност скоро 6 години (од мојата 20-та година), а тоа е табу тема. Мило ми е што гледам дека некој зборува за тоа, добро е кога човек знае дека не е сам“, пишува Лаура Мишел.
Смит додава дека имала огромна поддршка луѓето од секаде низ светот. „Не знаев дека ќе добијам толку голема поддршка. Неверојатно!“, пишува Смит.