X
 14.02.2019 Живот

Каде Ел Чапо ќе ја отслужи казната?

Озлогласениот наркобос Хоакин Гусман-Ел Чапо најверојатно остатокот од животот ќе го помине в затвор откако беше прогласен за виновен поради организирање шверц на огромни количини дрога.

Еве што може да очекува.

Како услов за екстрадиција на Гусман од Мексико, американските обвинители гарантираа дека нема да бараат смртна казна. Поротата го прогласи за виновен за сите 10 обвиненија. Обвинителите веруваат дека тој ќе добие доживотна казна. Адвокатот на Гусман изјави дека ќе поднесе жалба на пресудата.

Портпарол на американското Биро за затворите (БОП), агенцијата која управува со федералниот затворски систем, одби да даде коментар за тоа каде Гусман може да ја служи казната велејќи дека поради безбедносни причини, БОП не открива кој е објектот за издржување казна додека осудениот не пристигне и не биде предаден во притвор.

Сепак, постојат само неколку објекти во САД изградени за да се сместат криминалците од рангот на Гусман - во смисла на сериозноста на неговите злосторства. Гусман, кој почна како мал производител на марихуана, изградил империја за трговија со дрога за која се мисли дека во еден момент контролирала 60 отсто од пазарот на дрога во Мексико. Во неговите брутални тревни војни против конкурентските картели загинаа илјадници луѓе.

Гусман двапати славно избега од најобезбедените затвори каде што беше држен од страна на мексиканските власти.

Поранешниот комесар на Казнено-поправниот оддел на Њујорк, Мартин Хорн, се обложува на затворот „Флоренс Хај“, оддалечен околу два часа јужно од Денвер, Колорадо.

За да изберат затвор, федералните власти се водат по елабориран процес кој зема предвид неколку фактори, вклучувајќи ги и потребите за менталното здравје на затвореникот и веројатноста тој да биде мета или да има мети меѓу затворениците во истиот затвор, како и веројатноста за бегство, вели Хорн.

- Со оглед на неговата историја на бегства, „Флоренс“ веројатно е најсигурниот затвор што го имаат - вели Хорн.


Ел Чапо
Фото: Quartz

Без оглед на тоа каде ќе заврши, Гусман веројатно ќе биде под силен надзор, додава Хорн. Неговата ќелија веројатно често ќе биде проверувана, а личните предмети ќе му бидат прегледувани редовно. Федералните власти исто така ќе ги следат и неговите комуникации и тој веројатно ќе биде претресуван, ставан во окови и придружуван од повеќемина полицајци секогаш кога ќе влегува и излегува од просторот во кој ќе престојува.

- Не би се изненадил и ако периодично му ја менуваат локацијата на која ќе биде сместен, секако, во затворот - вели Хорн.

Врз основа на неговото искуство во системот, Мат Мигел, кој бил во затвор за трговија со дрога и одреден период бил во иста ќелија со Џорџ Јунг, вели дека федералниот трансфер-центар на БОП во Оклахома веројатно ќе биде првата станица за Гусман, за процесирање.

- Ќе го пренесат со авион, нема да дојде со автобус. Тие веројатно ќе го држат во самица, нема да му дозволат да биде со другите луѓе - вели Мигел.

Во „Флоренс“ затворениците околу 23 часа дневно се во ќелија. Сите пораки што се примаат и испраќаат се прегледувани од чуварите, тушевите се пуштаат со притискање на копче за вклучување или исклучување, по што тече вода околу една минута. Некои го опишуваат овој затвор како „чиста верзија на пеколот“.

На затворениците им се дозволени само два повика месечно до броеви кои претходно биле одобрени од вработените во затворот, но некои луѓе велат дека пораките се губат или задржуваат, барањата за посети поднесени од фамилиите на затворениците исчезнуваат и повеќето жалби завршуваат со повредување на затвореникот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот