X
 21.12.2020 Живот

Божиќни традиции што се негуваат во Белата куќа

Без оглед на жителите, во Белата куќа има празнична атмосфера во зимските месеци. Но, божиќните традиции на семејството на претседателот на САД се менуваат со текот на годините. Така, некогаш во оваа куќа се организирале битки со снежни топки, но тоа повеќе не се практикува.

Сега една од главните традиции што ги негува „првото семејство“ во САД се новогодишните елки. Традиција е да се поставува елка во Сината соба. Годинава елката е висока 5,6 метри и е донесена од Западна Вирџинија.

Меѓутоа, оваа елка не е единствената во куќата. Низ Белата куќа има десетици елки. Администрацијата на Двајт Ајзенхауер го држела првиот рекорд за најмногу накитени елки во Белата куќа. Претседателот имал 26 елки во куќата во 1959 година. Оттогаш овој рекорд повеќепати бил срушен. Во 2015, кога претседател беше Барак Обама, во куќата биле накитени 62 елки.



Белата куќа секоја година има различна тема според која се украсува палатата. Оваа традиција ја започнала првата дама Жаклин Кенеди во 1961 година. За време на мандатот на Доналд Трамп, првата дама Меланија одбрала теми како „американски богатства“ и „духот на Америка“.

Од 1967 година се поставува сцена од раѓањето на Исус Христос во Источната соба. Посетителите на Белата куќа за време на празниците прво ќе ја забележат новогодишната елка со златна ѕвезда поставена во источното крило. Оваа елка е украсена од семејствата на членови на армијата кои починале додека служеле.



Една од омилените божиќни традиции е правењето и прикажувањето колач од ѓумбир во облик на куќа во главната трпезарија. Оваа традиција се негува од 1969 година. Најчесто се потребни над 45 килограми тесто за да се направи куќата, а минатата година готвачите во Белата куќа направиле куќа од 100 килограми тесто.

Во Белата куќа се слави и еврејскиот празник Ханука. Оваа традиција ја започнал претседателот Џими Картер.
Претседателот Џорџ Буш во 2001 година организирал прослава за овој празник и оттогаш ваква забава се организира секоја година.

Во Белата куќа се организираат повеќе забави за празниците, а оваа година се планира зачувување на оваа традиција и покрај пандемијата. Оваа традиција ја започнал претседателот Џон Адамс во 1800 година. Трамп планира да организира дури 20 празнични забави годинава.

Автор: Челси Ричел
Извор: independent.co.uk
Насловна фотографија: Screenshot/Instagram

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот