X
 14.02.2024 Наука

Првпат од средниот век наваму, Гренланд повторно станува зелен. Еве зошто е важно тоа

Ново истражување покажува дека глобалното затоплување предизвикува брзо топење на ледената покривка на Гренланд, и нејзина замена со вегетација.

Делови од Гренланд повторно стануваат зелени, првпат откако викинзите го посетиле пред речиси 1.000 години, вели Џонатан Каривик, коавтор на истражувањето и научник од Универзитетот „Лидс“ во Велика Британија.

Таму каде што имаше снег и мраз пред само неколку децении, сега има области со ниска вегетација заедно со голи карпи и мочуришта.

Колку мраз се топи?


Се проценува дека 28.500 квадратни километри од ледената покривка и глечерите на Гренланд се стопиле во последните три децении, пишува истражувањето.

Вкупната површина на мраз во последните 30 години е малку поголема од американската сојузна држава Масачусетс и претставува околу 1,6 отсто од вкупниот мраз и глечери на Гренланд.

- Повисоките температури се поврзани со промените на копнената покривка што ги гледаме на Гренланд - вели Каривик.

Викиншките записи посочуваат дека тогаш вегетацијата била пораспространета

Последен пат кога Гренланд бил зелен веројатно било во средновековниот топол период (900 до 1300 н.е.).

- Ледената покривка била помала тогаш, а вегетацијата била веројатно пораспространета, како што посочуваат викиншките записи.

Зошто мразот на Гренланд е важен?

- Зошто треба да се грижиме што се случува на Гренланд? Покрај локалните влијанија врз луѓето, флората и фауната, губењето на ледената маса на Гренланд значително придонесува за глобалното зголемување на нивото на морето, тренд што претставува голем предизвик, и сега и во иднина - изјави главниот автор на истражувањето, Мајкл Грајмс кој исто така е професор на Универзитетот во Лидс.

НАСА вели дека ако целиот мраз на Гренланд се стопи, светските мориња ќе се издигнат за околу 7 метри. Покрај тоа, навлегувањето на слатководните води во океанот може да влијае врз подводните струи кои влијаат врз климата и временските услови низ целиот свет.

Дали Гренланд ќе стане позелен?


- Се предвидува мразот да продолжи да се намалува со уште поголема брзина, а со текот на времето тоа ќе значи проширување на вегетацијата, што ќе се случува во голема мера - вели Керевик.

Извор: USA Today
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука