X
 14.03.2023 Наша тема

Беира Салифоска ја одбрани првата дипломска напишана на Брајово писмо кај нас: „Не е целта да се запишеш на факултет само колку да го завршиш“

Решив да се запишам на факултет бидејќи првично сакав да се надградам себеси, да научам нешто повеќе, а притоа сакав да станам стручен едукатор за да можам да им помогнам на други лица со оштетен вид со моето лично искуство, со цел да им се подобри животот, вели Беира.

Беира Салифоска испишува историја кога се во прашање лицата со оштетен вид во Македонија. Таа неодамна ја одбрани првата дипломска работа испечатена со Брајово писмо во нашата земја. Беира дипломира на Институтот за специјална едукација и рехабилитација на Филозофскиот факултет при УКИМ, а темата на нејзината дипломска беше „Предизвиците на лицата со оштетен вид за време на пандемијата на ковид-19“.

- Брзо се одлучив за темата за дипломската со оглед на тоа што скоро беше пандемијата и тоа ме поттикна. Знаев приближно што сакам. Имав неколку теми на ум, но сепак се одлучив за „Предизвиците за лицата со оштетен вид за време на пандемијата“ бидејќи и јас бев една од тие лица што се соочуваа со тие предизвици. Тука спаѓаат контакти со заразени лица, излолации и слично и бидејќи живеев сама, сакав да истражам како тие лица се соочуваат со овие проблеми - вели Беира.

На одбраната на нејзиниот дипломски труд присуствуваше и претседателот Стево Пендаровскки, кој подоцна на својот официјален фејсбук-профил објави и јавна честитка.

- Честитки за Беира Салифовска за успешно одбранетиот дипломски труд. Нејзиното денешно дипломирање на Институтот за специјална едукација и рехабилитација на  Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје е инспирација за многу други наши сограѓани, особено за лицата со оштетен вид, да ги остварат своите желби и соништа - стоеше во дел од пишаната порака на „Фејсбук“.

 

Професорите советуваа да имаме перспектива, а не да се запишеме на нешто што не можеме да го завршиме

Од седумгодишна возраст Беира живее во Скопје, откако раното детство го поминала во Пласница. Таа рана образовна фаза, вклучувајќи го подоцна и средното училиште, ја поминала во училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“. Иако сега се занимава со нешто сосема друго, односно таа е физиотерапевт на Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Скопје, додека растела имала голем интерес за уметноста, пред сѐ, драмската и музичката.

- Македонскиот јазик ме интересираше и отсекогаш сакав да учествувам во драмски секции. Имам завршено и нижо музичко, каде што шест години свирев на пијано. Нашите професори уште од основно училиште гледаа да имаме некаква перспектива во животот, а не да се запишеме на нешто што не ни одговара и не можеме да го завршиме. Ако не беше струката физиотерапевтски техничар, не знам што ќе се запишев. Многу размислував, но ете ја одбрав таа средно-здравствена струка каде што сметав дека имам перспектива - вели Беира.

Се запишав на факултет пет минути пред затворање на уписниот рок

По завршувањето на средното образование, Беира веднаш се вработила во Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација, каде што работи веќе 15 години. Дури по седум години од матурирањето таа се одлучила за упис на факултет, и тоа на Институтот за специјална едукација и рехабилитација на Филозофскиот факултет.

- Се запишав на факултет пет минути пред затворањето на уписниот рок. Тогаш немаше приемен, туку со државната матура си влегов. На факултет се запишав подоцна, на 25-годишна возраст. Така се одлучив бидејќи по завршувањето на средното училиште не бев веќе во интернат и морав да живеам сама, а јас не познавав многу луѓе во надворешниот свет бидејќи кога живеете во интернат, тоа е еден затворен круг. Кога излегувате од интернатот, ви треба време да најдете нов круг на пријатели и да се снајдете. Се решив да се запишам на факултет бидејќи првично сакав да се надградам себеси, да научам нешто повеќе, а и притоа сакав да станам стручен едукатор за да можам да им помогнам на други лица со оштетен вид со моето лично искуство, со цел да им се подобри животот - додава Беира.

 

Не бев навикната да учам од аудиоверзија

На Институтот учат лица со различни попречености, односно нема поделеност по отсек или слично. Беира вели дека условите не беа идеални, но многу е важно самиот човек да знае каде може да се вложи и каде може да придонесе за себе. Со оглед на тоа што имало поголема пауза помеѓу нејзиното матурирање и почетокот на студиите, на Беира ѝ требало време да ја врати навиката за учење.

- Не е целта да се запишеме на факултет само колку да се заврши. Јас можеби сакам да бидам авијатичар, но едноставно попреченоста не го дозволува тоа. Треба да знаеш што можеш и каде можеш. Тука многу луѓе прават грешка. Имаше професори кои ми излегуваа во пресрет временски и сакаа да ми помогнат да научам нешто повеќе. Прва година мислам дека ми требаше психолог бидејќи не знаев како да учам. По пауза од седум години од средното школо, едноставно не знаев како да ги паметам лекциите. Не го знаев начинот како да седнам да научам нешто. Така само читав механички и ништо не разбирав. Не бев навикната да учам од аудиоверзија. Цел живот бев навикната на Брајово писмо, но на факултет немавме материјали за тоа. Не можев да се навикнам да слушам така лекции. На 10-тата страница од аудиолекцијата веќе сум заспала - се присетува Беира.

Четири месеци ја подготвувала дипломската

На Беира ѝ биле потребни седум години да дипломира, но тоа се должи на фактот што таа паралелно работела. Кога почнала со подготовката на дипломската, постојано била во дилема дали да ја доврши или не, но поттикната од нејзиниот асистент и од професорите, сепак, успеала.

 

- Речиси четири месеци ја подготвував дипломската. Имаше период кога се мислев да се откажам, дали да ја правам или не, но асистентот и менторот ми даваа поддршка и успеав да ја довршам. Засега има само еден примерок со Брајово писмо, но се надевам дека понатаму ќе има повеќе. Ова е прва дипломска на Брајово писмо. Истражувајќи за дипломската кај лицата со оштетен вид, дознав дека сите сме имале слични проблеми за време на пандемијата, а некои имале ментални проблеми. На финансиски проблеми многу малку се пожалија, што е добро, а како најголем проблем го посочија носењето маска, сметајќи дека им смета во ориентација - додава Беира.

Сака да продолжи да се надградува

Желбата за професионална и образовна надградба кај Беира не застанува со одбраната на дипломскиот труд. Таа сака во иднина да заврши некаква обука за ориентација и мобилност. Тоа значи да биде лиценцирана да ги учи лицата со оштетен вид на движење во простор и сл.

- Има недостиг кај нас во тој поглед и мислам дека би било супер јас како лице со оштетен вид да го завршам тоа, бидејќи живеам сама и можам знаењето да им го пренесам на други. На пример, како да се движат низ градот. Јас до работа и назад се движам сама со стап, немам проблем околу тоа. Низ градот ми е малку небезбедно сама да се движам бидејќи некаде нема ни тротоари, па не би сакала нешто да ми се случи. Ќе видиме дали би сменила работа и дали ќе можам да влезам некаде како специјален едукатор и рехабилитатор, доколку се одлучам за тоа - завршува Беира.

Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема