На Филозофскиот факултет во Скопје беше презентирана опрема добиена во рамки на проектот „Служба за поддршка на студенти со попреченост и работилница за изработка на дидактички материјали“ кој Филозофскиот факултет во Скопје го реализира во партнерство со Здружение на граѓани за едукација на млади „План Б“.
Проектот е финансиран од програмата „Бугарска соработка за развој“. На настанот присуствуваше амбасадорот на Република Бугарија, Ангел Ангелов, како и претседателот на Здружение на граѓани за едукација на млади „План Б“, Димитар Нацоски. Поради значењето на проектот за сите студенти со попреченост од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на настанот се обратија ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски и деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев. Настанот го подржа и министерката во Министерство за образование и наука, Мила Царовска.
- Во годината кога Филозофскиот фалкултет во Скопје одбележува 100 години од своето постоење, сакаме да го промовираме како модел инклузивен факултет. Фактот дека на нашиот факултет традиционално е најголема бројката на студенти со попреченост не обврзува да работиме на подобрување на условите за студирање и студентскиот живот на оваа категорија млади луѓе. Развојот на научната мисла и подготовката на идните професионалци кои работат на едукација и рехабилитација на лицата со попреченост исто така се одвива на нашиот факултет. Институт за специјална едукација и рехабилитација има обврска да влијае на подостапно високо образование за младите со попреченост – вели проф. д-р Наташа Станојковска-Трајковска, раководителка на Институт за специјална едукација и рехабилитација.
Во рамки на проектот Филозофскиот факултет во Скопје, односно Институтот за специјална едукација и рехабилитација, добива опрема и асистивни уреди (Брајов принтер, 3Д принтер, 2 персонални компјутери со тастатури прилагодени за студенти со засегната фина моторика, 2 колор печатачи, машинка за пластифицирање и рачен нож за хартија).
Проф. д-р Наташа Станојковска-Трајковска
- Асостивната техника која ја имаме во овој простор е основен предуслов за функционирање на ваков сервис. Следниот чекор е поедноставување на постапката за ангажирање на студентите, за да може да кажеме дека сервисот потполно ја остварил својата цел. Покрај пристапноста до и во факултетите, подобар пристап до литература и информации, студентскиот сервис ќе ни помогне во подобрување на мобилноста и комуникацијата со студентите со попреченост - вели Станојковска-Трајковска.
Работилницата за изработка на дидактички материјали, од друга страна, треба да претставува олеснување за студентите од нашиот институт во подготовка на материјалите за реализација на практичната настава, но и изработка на квалитетни визуелни и тактилни материјали кои ќе влијаат на олеснување на воспитно-образовниот процес во центритрите и училиштата кои се наша наставна база.
- Наша заложба е да имаме достапна електронска верзија на учебници за студентите со попреченост. Целиот наставен кадар активно работат на богатење на Репозиториумот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во овој дел важен значаен партнер е Филозофскиот факултет со новиот МУДЛ платформа за е-учење прилагодена за студентите со попреченост - вели Станојковска-Трајковска.
Заедничка заложба на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Филозофски факултет е да дадат голем придонес во инклузивното високо образование. Бројните активности и настани кои ги организираме одат во прилог на подобрување на условите за студирање, но во исто време, влијаат на инклузивната култура кај наставниците и административниот кадар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Наша задача е да ги мотивираме младите со попреченост да бидат поприсутни на високото образование за да ги докажат своите можности за академски достигнувања, да бидат поконкурентни на пазарот на трудот и на крајот, да имаат подобар квалитет на живот.
Текстот го подготви Филозофски факултет, Скопје