Како се станува „пиварец“, изборот на средното училиште е премногу важен за да се зема здраво за готово, Христина Петрушевска-Миќиќ го живее својот сон сместен во никогаш здодевниот ИТ-свет, имаме загрижувачката негрижа кон културата денеска, талентите во Македонија се заглавени во лавиринтот од застарени образовни програми... Ова се дел од темите за кои пишувавме минатата недела
„Внимавај што посакуваш, можеби ќе ти се исполни“. Оваа реченица се провлекува низ приказната на Маја Илиевска, менаџер за квалитет во одделот за безалкохолни пијалаци во „Пивара Скопје“. Низ широка насмевка се опишува себеси како „Пиварец“ – збор кој означува фамилија, колективна припадност и посветеност. Мисија ѝ е од подмладокот на компанијата да направи вистински „Пиварци“.
Маја Илиевска
Непосредна, отворена, остра, но искрена, со добра смисла за хумор, Маја е пример дека со добра организација и труд секој може да успее. Мајка на Димитар, Михаил и најмалата Теодора, сопруга на средношколската љубов Драган од родното Куманово, таа низ шега раскажува:
- Сакав три деца, можеби затоа што јас бев сама и секогаш барав деца за да си играме. Кај нас дома секогаш беше тивко, ама затоа сега е динамично. Со добар „бизнис-план“ сè се постигнува. Не постои препрека што не се поминува.
Изборот на средното училиште е премногу важен за да се зема здраво за готово. Погрешното училиште може да води кон послаб успех, незадоволство и лоша психичка состојба, но и да се одрази врз физичкото здравје на ученикот, емоционалната стабилност, меѓучовечките односи, велат училишните психолози.
Ана Попризова, психолог во скопската гимназија „Орце Николов“, и Славица Нешевска, психолог во средното училиште „Владо Тасевски“ од Скопје, ни објаснија како да се направи правилниот избор, но и даваат препораки како родителите да се однесуваат кон овој важен чекор во животот на нивните деца.
- Разговарајте со ученици кои веќе учат во училиштето и информирајте се за основниот Куќен ред на училиштето, како се одвива наставата, како се реализираат часовите, материјално-техничките услови, квалитетот на наставата, можноста за практична работа – е само еден од советите на Попризова.
Во рубриката
„Јас не заминав“ ја имавме Христина Петрушевска-Миќиќ, која сама основала ИТ-компанија и се борела со предрасудите.
На 24 години станала менаџер на сопствена ИТ-компанија. Христина Петрушевска-Миќиќ го живее својот сон сместен во никогаш здодевниот ИТ-свет. Дипломирала на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, брзо почнала со пракса и се вработила, а денес успешно води своја фирма.
Христина Петрушевска-Миќиќ
„Само со силна верба, напорна работа, многу учење и љубов кон она што го работи секој може да го оствари својот сон или за почеток еден мал дел од него“, вели таа и им порачува на младите да не се откажуваат од своите соништа.
Kнижевната критичарка Александра Јуруковска, чија втора книга „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ бeше промовирана во Младинскиот културен центар, во интервју за Факултети.мк зборуваше за загрижувачката негрижа кон културата денеска.
- Многу малку медиуми и низ светот, особено порталите, во денот пишуваат за книжевност, симфониски концерти, Нобелова награда, за разлика од оние што се занимаваат со кланот Кардашијан или нашите регионални што посветија цели месеци и цели фељтони на некојси Дарко Лазиќ и деталите за неговата несреќа. Ако во меѓувреме и Карлеуша смисли дека треба да направи нов скандал и сите очи на јавноста треба да бидат вперени во неа за да не пропуштиме некој детаљ, тогаш и тој еден новинар колку што остана од некогашните културни рубрики и редакции остана без работа. Ако на ова се додадат и политичарите кои се нашите најголеми ѕвезди и најголемите „фестивали“ се околу нив, лесно стигнуваме до резултатот - нема култура, нема камера за културен настан, нема ни половина минута прилог во вести, ниту мала вестичка во рамче што одамна е поместено на последните страници од неколкуте ни весници. Жално е што израснавме генерации млади до кои не стигнува културата. Пропуштивме години или деценија да им всадиме љубов и почит кон убавото – вели Јуруковска во интервјуто.
Александра Јуруковска
Како институциите се грижат за препознавањето и развојот на надарените и талентирани деца во нашата земја? Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со порталот Факултети.мк покрена иницијатива за подигнување на јавната свест за оваа категорија ученици, а целта е да се најде соодветен модел за поддршка и развој на талентирани и надарени деца. Во текстот од минатата недела се осврнуваме на состојбите во англискиот јазик, визуелните уметности и балетот.
-
ЕЛТАМ е Здружение акредитирано за организирање на натпреварите по англиски јазик во земјава. За жал, тоа нема никаква улога во однос на унапредувањето на наставата по англиски јазик во нашиот редовен образовен систем.
- Во нашата држава имаме многу ученици што се талентирани за странски јазици, но немаме посебна програма за работа со нив. Тие ученици се целосно запоставени во наставата по странски јазици и освен натпреварите, нема никакви активности преку кои ќе се развива нивниот талент. Секако дека наставниците организираат активности по странски јазици по сопствена иницијатива, но тие активности не се опфатени со програмите за странски јазици, ниту се предвидени со каков било пропис или закон на надлежните институции - вели Александра Поповски-Голубовиќ, претседателка на ЕЛТАМ.
Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје пред една година ги отвори вратите на новиот
Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ.
Владимир Атанасовски
ИНОФЕИТ има амбициозен план за 3 години да прерасне во институција со најмалку 25 вработени истражувачи кои ќе работат на меѓународни и домашни проекти и ќе обезбедат одржливост на центарот, вели во интервјуто за Факултети.мк проф. д-р Владимир Атанасовски, продекан за финансии и соработка со стопанството на ФЕИТ и управител на ИНОФЕИТ.
Што и како постигнаа за една година и какви се плановите за следните неколку, ни објасни професорот Атанасовски.