X
 10.04.2019 Наша тема

Јас не заминав: На 24 години основав ИТ-компанија и се борев со предрасуди, вели Христина Петрушевска-Миќиќ

Поборничка сум и искрен поддржувач да има сѐ повеќе девојки во ИТ-светот, кои не само што ќе бидат ангажирани како инженери туку ќе се охрабрат и ќе заземат менаџерски и раководни позиции, вели ИТ-инженерот

На 24 години станала менаџер на сопствена ИТ-компанија. Христина Петрушевска-Миќиќ го живее својот сон сместен во никогаш здодевниот ИТ-свет. Дипломирала на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, брзо почнала со пракса и се вработила, а денес успешно води своја фирма. „Само со силна верба, напорна работа, многу учење и љубов кон она што го работи секој може да го оствари својот сон или за почеток еден мал дел од него“, вели таа и им порачува на младите да не се откажуваат од своите соништа.



Христина Петрушевска-Миќиќ

Вие сте млада, но веќе многу успешна во областа што ја работите. Се гледавте ли себеси како менаџер на успешна ИТ-фирма кога се запишавте на факултет?

- Ви благодарам за искрените комплименти, морам да признам дека секогаш ми годи кога некој ќе ја спореди мојата младост и успешност истовремено. Се надевам дека и двете ќе траат уште долго. Одговорот на ова прашање е - не, ниту замислував ниту претпоставував, а веројатно бев и премногу млада да размислувам за тоа. Имав желба што побрзо да бидам самостојна личност, поседував добри организациски способности, но никогаш не помислував дека ќе имам и ќе менаџирам своја ИТ-компанија. На ФЕИТ се запишав само затоа што во текот на средношколските денови бев одличен математичар и физичар. Имав посебна љубов кон овие природни науки, веројатно наследена од мојот татко, кој неуморно работеше со мене.
Во средно школо особено внимание им посветував и на информатичките науки, кои исто така без проблем ги совладував. Сепак, не ми беше кристално јасно што ова поле носи со себе и со нетрпение чекав за време на факултетските денови да го осознам и проучувам.

Завршивте на ФЕИТ и веднаш почнавте со работни ангажмани. Беше ли трнлив патот до отворањето сопствена фирма?

- На ФЕИТ се запишав затоа што бев исклучително заинтересирана за математика, физика и информатика. Уште во првата година од моите студии се сретнав со многу програмски јазици кои реално на самиот почеток ми причинуваа тешкотии и конфузија, затоа што беа поразлични од сликата што ја имав за информатичките науки. Некои од моите колеги што доаѓаа од други гимназии веќе беа запознаени со основите на програмирањето, што не беше случај со мене. За време на средношколските денови немав можност целосно да осознам што значи поимот програмирање, па затоа морав на факултет повеќе време да посветувам на програмските јазици.

Како што поминуваше времето, така мојот фокус го свртив кон алгоритми, бази на податоци, веб и мобилни апликации. Големо внимание ми одзедоа предметите во кои се изучуваа системи за онлајн-продажба. Благодарение на еден од моите професори, кој подоцна ми стана и ментор во текот на магистерските студии, проф. д-р Владимир Трајковиќ, добив можност за практична работа во една ИТ-компанија во чии рамки специјализирав во областа на платформи за онлајн-продажба и сите технички аспекти зад нив. Набрзо се вработив во истата компанија и почнав да работам на најразлични проекти.




Христина на „Веб-самит“ во Лисабон, Португалија (2016)

За време на моите работни ангажмани во компанијата паралелно посетував постдипломски студии за софтверско инженерство на ФИНКИ, но работев и како фриленсер на неколку проекти.
Во еден момент сфатив дека имам премногу ангажмани, па моите 24 години беа пресудни за правецот кон кој ја насочив својата кариера. Ризикував многу млада, одлучив да ја пренасочам енергијата кон нешто свое и така во јули 2015 се случи „Дигитал оринџ“. Продолжив со програмирање, но и менaџирање на своја компанија, како и со активно учење кое резултира со диплома за магистер по софтверско инженерство.

Целиот овој пат беше проследен со многу непроспиени ноќи и жртвувања на тинејџерскиот и студентскиот живот, но мислам дека се исплатеше. Горда сум на мојот успех и сѐ што успеав да постигнам во изминатите години. Но, има уште многу. Пред мене се уште најмалку три децении работа. Подготвена сум да продолжам со исто темпо, но со повеќе искуство кое ми помага при донесување важни одлуки.



Денес сѐ повеќе девојки се интересираат за електротехничките факултети, статистиката вели дека дури и доминираат. Ве радува ли што оваа слика се менува, со оглед на тоа дека до пред 15-20 години воопшто не беше така?

- Може ли да не ме радува? Поборничка сум и искрен поддржувач да има сѐ повеќе девојки во ИТ-светот, кои не само што ќе бидат ангажирани како инженери туку ќе се охрабрат и ќе заземат менаџерски и раководни позиции. Се извинувам на машкиот дел од популацијата, се надевам нема да ми замерат, но сметам дека жените се повнимателни, посигурни во себе и можат полесно и подобро да проценуваат различни ситуации, со што добиваат предност пред мажите во делот на менаџирање.
Што се однесува до техничкиот дел, сѐ уште немам формирано јасен став бидејќи засега работам со еднакво добри машки и женски девелопери.
Се надевам дека овој тренд на жени во ИТ-светот ќе продолжи и понатаму и многу брзо како држава ќе успееме да ги надминеме тие 53% ИТ-жени во соседна Бугарија. Девојки, можеме, зарем не?

Покрај работата, многу патувате. Ви се случило ли да Ве гледаат со предрасуди, кога станува збор за тоа дека сте, пред сѐ, млада?

- Моето прво службено патување како менаџер на компанија беше на 24 години. Ќе го паметам засекогаш, не само по реакциите на оние со кои остварив состаноци, туку и на моите родители, кои имаат различни професии од мојата. Имав чувство дека никој освен јас не верува во она што го правам. Наидував на многу препреки и разочарувања.
Многу соговорници пред да почнеме со разговори дури не ни веруваа дека водам своја компанија и дека сум дел од ИТ-светот, но по неколку разменети зборови и искуства, сликата им стануваше појасна. Им благодарам на сите мои клиенти што ми дадоа можност да им покажам што можам и се радувам што сѐ уште соработувам со истите. Секогаш ќе се трудам да го дадам максимумот од себе и сите да ги направам среќни и задоволни, затоа што одлучиле да соработуваат со мене и со мојот тим.
Свесна сум дека пред мене има уште многу долг пат, уште многу пофалби и предрасуди, но подготвена сум да се носам со тоа. Ништо на овој свет не е лесно и она што ве прави исполнети, заслужува да се борите за него.





Одливот на мозоци од Македонија е сѐ позагрижувачка проблематика. Што Ве задржува овде? Дали сте задоволни со тоа што го работите и со квалитетот на живот?

- Ова е малку поголема и посериозна проблематика за која сите треба заедно да се сплотиме и да се обидеме да придонесеме за нејзино решавање. Секако, потребна е сериозна помош и посветеност од државата и луѓето на раководните позиции. Мене како млад менаџер на уште помлада компанија ме загрижува фактот дека секоја година сѐ повеќе млади инженери и програмери се одлучуваат да продолжат со своето образование и усовршување надвор од границите на нашата држава. За некои, вработување во домашна ИТ-компанија дури веќе не е ни точка за размислување. Загрижува фактот што ќе се случи во иднина доколку ова продолжи. Тоа ќе биде проблем без долгорочно решение.
Како и да е, јас сум задоволна од својата работа и од мојот тим, како и од начинот на кој функционираме. 90% од нашите клиенти се странски лица или компании кои соодветно ја вреднуваат нашата експертиза и посветеност.

Во Вашата професија менувањето на работното место е многу честа појава. Како Вие како менаџер се справувате со ова?

- Со кој менаџер и да разговарате, кој воедно е или се стреми да биде лидер, верувам дека сите ќе се согласат дека ова е еден од најнепосакуваните моменти во менаџментот на една компанија, особено кога станува збор за добар и стручен кадар со кој сте поминале многу време и заеднички сте го пронашле клучот за успешно завршен проект. Се трудам да понудам услови и работна средина со кои ќе ги задржам во тимот. Секогаш кога сум во можност им приредувам моменти кои им причинуваат насмевки и задоволство.



Каква порака би им упатиле на младите? Вреди ли да се борат за своите соништа?

- Секако дека вреди. Само со силна верба, напорна работа, многу учење и љубов кон она што го работи секој може да го оствари својот сон или за почеток еден мал дел од него. Почетокот е тежок, бара многу пожртвуваност, трпение и храброст, но крајниот резултат ќе ви покаже дека секој атом енергија не бил залудно потрошен. Бидете гладни за знаење, користете ја секоја можна шанса да научите нешто ново, вредно посветете се на работата и ве уверувам дека ќе стигнете онаму каде што посакувате.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема