Во рок од 12 часа поминав три различни аеродроми во три различни земји и континенти беспрекорно со највисоко ниво на хигиена, заштита и грижа! Влеговме во нашата држава и тука започна нашиот кошмар! – револтирано ни сподели скопјанката Христина Петрушевска-Миќиќ, која вчера се врати со комерцијален лет од Соединетите Американски Држави.
Во просторијата кај што патниците чекаат пред да се качат на автобус до карантин
Игра на нерви е тоа што им се случи на 30-ина патници кои вчера стигнаа на Деве Баир. Дел од нив патуваа со прекуокеански летови и по повеќе од 24 часа патешествие и неизвесност дали ќе успеат воопшто да ги напуштат САД, дома доживеаја понижувачки однос. Повеќето патници кои стигаат на Деве Баир и во изминатите денови се жалат на лошата организираност до спроведувањето во државниот карантин.
- Нѐ затворија во собичка/шупа која не е исчистена, а камоли дезинфицирана, заедно со уште 30-ина патници од кои повеќе од половина оваа пандемија ја немаат сфатено сериозно. Џабе ми е што сум заштитена како космонаут кога 90% од опружувањето е обратно и нема каде раце да се измијат! И покрај повеќе од 5 часа поминати во вакви мизерни услови, уште час и кусур седевме затворени во автобус. Тргнавме, дестинацијата ни била Охрид. Тргнавме нешто пред 21 часот и стигнавме во Охрид во 4.30 наредниот ден наутро! Од Деве Баир нѐ однесоа на Табановце, каде качија уште патници, па пред Скопје застанаа, па пред Тетово...Кој ќе преземе одговорност за целата оваа голгота и неорганизираност, за она што здрави и прави ќе се разболеме од се што постои? – вели за Факултети.мк Петрушевска-Миќиќ, која е основач на ИТ-фирма во земјава.
И другите патници споделуваат дека немало ниту медицинско лице во автобусот, ниту пак каква било храна, пакетчиња за секого.
Голготата на нашите државјани што сакаа да си дојдат од САД трае подолго време. Иако се пријавија на повикот на МНР од пред две недели, хуманитарен лет сѐ уште не е организиран и секој е оставен да се снаоѓа како умее. Една од опциите е да се слета во Софија, што е благодарение на одлуката на бугарското МНР да им дозволи на граѓаните од Македонија и од Турција да можат да слетуваат, иако до 17 април важи забраната за слетување на странски граѓани.
- По 24 часа неизвесност дали воопшто ќе тргнеме од САД, расправии на аеродромите, страв и нервоза, стигнав на Деве Баир за да доживеам тотално понижување во мојата држава. Никакви стандарди, никаква хигиена, почит кон секој патник, кој веќе е доволно измалтретиран што тргнал на пат. Во автобусот седиме еден до друг, автобусот застанува пред секој град да собере уште некој патник. Здрав да си ќе се разболеш. Не разбирам која е поентата државата да троши толку пари на државен карантин по хотели, кога од самиот почеток на целата процедура не ги заштитува граѓаните? Се молам само на Господ се да биде добро - вели скопјанец.
Во просторијата во која патниците чекаат и по повеќе часови нема ниту вода, ниту тоалет
- Ние самите - петмина со наши инструкции до конзулатите во САД и совети од конзулатот во Бугарија, успеавме да организираме враќање сами, без апсолутно никаква помош од државата. Одлуката за патување преку Софија кон Македонија донесена на 22 март ја дознавме од познаник на 29 март, кој на свој ризик тргна на пат! Секој ден бев на телефон со сите конзулати и никој не можеше да ни ја посочи отворената рута и ни препорачуваа да останеме таму кај што сме! А не праша ли некој дали имаме каде да престојуваме? – прашува Петрушевска-Миќиќ.
Таа му се заблагодарува на Александар Панев од нашиот конзулат во Бугарија, за кого вели дека служи како пример за професионалност, грижа и посветеност.
- Тоа е човек со срце на кому вечно ќе му бидеме благодарни!