X
 14.04.2019 Технологија

„Инстаграм“ воведува построга цензура

На „Инстаграм“ може да се најдат многу фотографии од оскудно облечени модели и мемиња што се на работ на добрата страна на вкусот. Отсега таквата содржина би можела да биде помалку посетувана.

Имено, на оваа популарна социјална мрежа почнаа ограничувања на споделувањето на објавите што се сметаат за недолични, а кои не се во спротивност со нивните директиви.

Така, на удар би можеле да се најдат, на пример, сексуално сугестивните објави што не прикажуваат сексуален чин или голотија. Исто така, помалку посети би можеле да бележат и мемињата што не поттикнуваат говор на омраза или злоупотреба, но сепак се невкусни, непријатни, насилни или навредливи.

На пошироката заедница би можело да ѝ биде скратен пристапот до таквата содржина во категоријата „Истражи“ и на страниците со хаштази, што би можело значително да го намали бројот на прегледи и привлекувањето на нови следбеници.

Новите правила се дел од напорите на „Фејсбук“ (во чие сопствеништво е социјалната мрежа) да ги направи побезбедни и полесни за користење своите апликации.

Несоодветната содржина ќе ја бараат модератори на содржина користејќи алгоритми и машинско учење. Содржината нема да биде отстранета од почетната страница или од сторито, но би можела да биде прикажана многу подолу од вообичаено.

Творците на содржината засега немаат јасни насоки каква точно содржина би можела да се најде на мета на администраторите бидејќи во правилата и условите на „Инстаграм“ тие не се наведени. Објавено е дека станува збор за насилна, шокантна, сексуално сугестивна содржина, дезинформации, спамови и содржина која не е препорачлива, што и да значи тоа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија