X
 18.03.2019 Технологија

Коосновачот на „Вацап“ ги повика студентите да ги избришат профилите на „Фејсбук“

Коосновачот на „Вацап“, Брајан Актон, во обраќање пред студенти на универзитетот „Стенфорд“ им порача да си ги избришат профилите на „Фејсбук“.

Тој исто така ги критикуваше профитирачките модели на технолошките гиганти „Фејсбук“ и „Гугл“, како и нивната неефикасност кога станува збор за модерирање на содржината на нивните платформи.

- Да бидам брутално искрен, отворените мрежи се борат да одлучат што е говор на омраза, а што не е. „Гугл“ се мачи да одлучи што е добра интернет-страница, а што лоша. И ние им даваме моќ. Тоа е лошиот дел. Ние ги купуваме нивните производи. Се регистрираме на нивните страници. Треба да се избрише „Фејсбук“ - истакна Брајан.

Изјавата на овој претприемач од Силициумската долина следува по неколку дена од најавата на основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, дека неговата компанија ќе се фокусира на приватноста.

Актон му го продаде „Вацап“ на „Фејсбук“ за 19 милијарди долари во октомври 2014 година. Тој ја напушти компанијата по околу три години откако „Фејсбук“ одлучи да дозволи рекламирање на „Вацап“.

Неодамна западните медиуми пренесоа дека милиони корисници го напуштиле „Фејсбук“ во 2018 и дека луѓето наоѓаат други начини за да останат во контакт.

Ова не е прв пат Актон да ги охрабрува луѓето да ги избришат своите профили на „Фејсбук“. Тој уште пред една година твиташе со хаштагот #deletefacebook (што во превод значи: избриши го „Фејсбук“) и тоа само неколку дена пред да се објави сторијата на Кристофер Вили, таканаречениот свиркач кој го откри скандалот со „Кембриџ аналитика“.

Актон ги критикуваше мотивите и неуспесите на „Фејсбук“ да ја осигура приватноста на корисниците и посака да се најде излез од целата ситуација.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија