X
 12.03.2019 Технологија

„Фејсбук“ загубил 15 милиони корисници од САД, но на светско ниво ситуацијата е поинаква

„Фејсбук“ денес има околу 15 милиони помалку корисници во САД отколку што имаше во 2017 година, покажува најнов извештај на компанијата за истражување на пазарот „Едисон Рисрч“. Најголемите „загуби“ се забележани меѓу корисниците на возраст од 12 до 34 години.

Според претседателот на компанијата, Лари Росин, тоа е околу 6 отсто од вкупното американско население на возраст од 12 и повеќе години. Тоа, според него, е значителен пад. Исто така, тоа е многу поголема бројка од оние еден милион луѓе од САД и Канада што се откажале од социјалната мрежа во последниот квартал во 2017 година.

Треба да се забележи дека тука не се земени предвид луѓе што се префрлиле на другата популарна мрежа која е во сопственост на „Фејсбук“ - „Инстаграм“.

Претпоставувајќи дека бројката е вистинита, веројатно за тоа може да се обвинат многуте проблеми што компанијата на Марк Закерберг ги имаше со приватноста и безбедноста. Но, истовремено „Фејсбук“ е победник на глобалната сцена. Процентот на активни корисници се зголемува, а базата на активни корисници месечно достигна рекорд од 2,32 милијарди.

Фото: Infinite Dial

И на „Инстаграм“ му оди добро: има милијарда корисници, вклучително и повеќе од 400 милиони месечни корисници на сторито, што е повеќе од двојно од публиката на „Снепчет“. Па, иако тинејџерите и милениумците го напуштаат „Фејсбук“, можно е компанијата всушност да нема загуби.

Има многу земји што треба да се покријат надвор од САД и „Фејсбук“ можеби има ефикасен план за тоа. Минатата недела Закерберг ја најави визијата за интероперабилност меѓу „Вацап“, „Месинџер“ и „Инстаграм“. Тоа се три големи платформи за допишување кои се користени од страна на милијарди луѓе од целиот свет.

Овие платформи се монетизираат на начини кои не бараат од крајните корисници да плаќаат за услугите, а начинот на кој сега се финансираат (преку реклами и дозволување трети страни директно да се поврзуваат со потрошувачите) му дозволува на „Фејсбук“ да заработува од компании што градат бизниси на платформата.

На крајот, и покрај неуспесите, изгледа дека „Фејсбук“ е подготвен да го освои интернетот во светот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија