Како конзерватор, сметам дека ова решение е подобро од претходното. Лично мислам дека базалтните плочи се најблиску до старата калдрмата што била во чаршијата, но во моментот тоа не можеме да го обезбедиме, многу чини, вели Костов
Во Старата скопска чаршија се менуваат дотраените травертински плочи, кои биле поставени во 80-тите години. Се менуваат со правоаголни травертински плочи, а ова е еден вид преодно решение, додека не се обезбеди буџет за базалтни плочи, какви што имала чаршијата во минатото, вели за Факултети.мк директорот на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, архитект, советник-конзерватор.
Ацо Костов / Фото: УЗКН
Јавноста вчера бурно реагираше на отстранувањето на травертинските плочи од главната улица на чаршијата. Костов вели дека Старата скопска чаршија е споменик на културата, заштитена со посебен Закон, но тоа не значи дека сите споменици треба да ги чуваме под стаклено ѕвоно.
- Сешто прочитав, дека травертинот бил стар 700 години, дека се уништува споменикот... Се менуваат травертинските плочи со кои чаршијата била поплочена во 80-тите години, кои во меѓувреме ја изгубија употребната вредност. Беа со неправилна форма, дотраени, биле вадени за некоја интервенција, па повторно вратени, дупки имаше насекаде, вирови под плочите. Се менуваат со правоаголни травертински плочи, сите со идентична форма. Ќе бидат наредени на многу подобра подлога - објаснува Костов.
Според него, чаршијата е жива, треба да се обновува бидејќи луѓето живеат и работат во неа. Тој е дециден дека во светот постојат различни конзерваторски практики, еклектицизам на старото и новото време. Еден од примерите е музејот „Лувр“, каде што покрај дворецот е изградена модерна пирамида од стакло.
- Како конзерватор, сметам дека ова решение е подобро од претходното. Лично мислам дека базалтните плочи се најблиску до старата калдрмата што била во чаршијата, но во моментот тоа не можеме да го обезбедиме, многу чини. Ова е преодно решение. Променливо е и во иднина може да се смени - објаснува Костов.
Засега се планира да се сменат плочите на главната улица во чаршијата и на уште една улица. Ќе биде поставена и патна сигнализација за местоположбата на споменичните објекти во чаршијата. Проектот го финансира Светска банка преку Министерството за економија.
- Не можеме да ги вратиме газиените ламби. Но, мора да бидеме реални, да најдеме баланс меѓу она што го заштитуваме и она за што сакаме да го користиме - вели Костов.
Владата и Општина Чаир денеска информираа дека се запазени сите процедури за заштита на автентичноста на Старата скопска чаршија и градежната активност која се финансира преку Проектот за локална и регионална конкурентност.
„Потпроектот предвидува санација на калдрмата на еден дел од главната улица Битпазарска, како и конзервација, реставрација и санација на повеќе дуќани што го нарушуваат автентичниот лик на Старата чаршија, која со Закон е прогласена за културно наследство од особено значење“, соопшти Владата.
Фото: Борче Поповски