X
 31.05.2018 Култура

Студентите ќе ѝ кажат НЕ на пасивноста во културата – тридневен мултимедијален настан во Старата скопска чаршија

Институциите често „немаат пари“, а луѓето „немаат време“ или „не им е гајле“. Но, дали всушност културата и уметноста во нашата држава патат повеќе од самонаметната пасивност отколку навистина од немање пари и време - прашуваат студентите од „Аксиос“.

Отворена дискусија посветена на цензурата, толеранцијата и дискриминацијата во општеството, уметноста и науката е една од дебатите што од утре до недела ќе се одржат во Музејот на Македонија во Старата скопска чаршија. Дебата ја организираат студенти од неколку факултети од градот, предводени од Студентското археолошко здружение „Аксиос“ при Филозофскиот факултет. На тридневниот настан под наслов „НЕ! за пасивноста во културата“ ќе се одржат проекции на филмови, јавни дебати, музички настапи, поетска вечер и изложба на ликовни дела.


Проекции на филмови, јавни дебати, музички настапи, поетска вечер и изложба на ликовни дела

Членовите на „Аксиос“ го организираат и финансираат настанот целосно волонтерски - без помош од институции, фондови или компании. На иницијативата и подготовката на содржините се приклучиле околу 40 други учесници - етнолози, класичари, историчари, филозофи, дефектолози, психолози, графичари, сликари, вајари, глумци, поети, музичари.
- Сите на едно место и со иста цел - да кажат „НЕ“ за пасивноста во културата – велат во „Аксиос“.

Студентите објаснуваат дека мотивација за настанот им биле одговорите што младите најчесто ги добиваат кога сакаат да организираат нешто, особено кога се работи за културни и уметнички настани.
- Институциите често „немаат пари“, а луѓето „немаат време“ или „не им е гајле“. Но, дали всушност културата и уметноста во нашата држава патат повеќе од самонаметната пасивност отколку навистина од немање пари и време - прашуваат студентите од „Аксиос“.

Студентите уште сега треба да имаат поголема одговорност во градењето на општеството

Тие веруваат дека како идни активни учесници во сферата на археологијата и историјата на уметноста, уште сега треба да имаат поширока одговорност во градењето на нашето општество.
- Работниците во полето на културата се личности кои треба да даваат придонес во развојот на заедницата. Оттука тргнавме да организираме настан кој ќе ги собере сите млади од полето на општествените и културно-уметничките насоки на едно место, да ги срушиме бариерите и да ѝ се спротивставиме на пасивноста во културата – велат од „Аксиос“.

Студентите потенцираат дека културата претставува збир од материјални и духовни вредности кои под влијание на традиционалните рамки и современите промени го формираат однесувањето на членовите на едно општество.
- Културата на една заедница го отсликува и диктира нејзиниот степен на развој. Таа не е одраз на големите политики, туку рефлексија на вкусот, практиките и творештвото на нејзините единки – велат од „Аксиос“.

Дел од членовите на „Аксиос“

Програмата почнува утре во 17 часот во Музејот на Македонија, со проекција на филмот The Name of the Rose и презентацијата „Антиката во филмскиот серијал Хари Потер“. Следува јавна дебата за предизвиците во развојот на културата и уметноста во Македонија и светот и нивното влијание во општеството. До полноќ ќе има музички диџеј-сет на Oubli и Никола Зафировски. Целосната програма може да ја преземете ТУКА.

За време на целиот настан ќе има катче каде што ќе се создаваат уметнички дела на отворено, ќе се продаваат рачно изработена облека, торбички и други предмети.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура