Интернетот е навистина место кое нуди се` - бескрајни информации и бескрајно (не)знаење, кога само би знаеле како да ги искористиме тие информации.
Сигурно голем дел од вас досега се сретнале со многу совети, трикови и магични решенија за тоа како да бидете попродуктивни, поорганизирани, како подобро да се концентрирате, да учите попаметно, да изгубите килограми, да го промените стилот на живот и така натаму. Ако сте се обиделе да ги примените овие совети, веројатно би дошле до разочарувачкото сознание дека ништо од тоа не ви успева, така што за брзо време подлегнувате пред предизвикот. Токму затоа се поставува прашањето зошто не успеваме да ги промениме нашите навики?
Во воведувањето на големи промени во начинот на живот, во било кој аспект - физички или духовно, обично размислуваме за време на новогодишните празници (по принципот нова година, нов лист), или тогаш кога се наближува летото (на пример, зошто да не изгледам фантастично во костум за капење). Постојано сме бомбардирани со слика за совршенство, совршено тело, совршена работа, совршени односи. Не е ни чудо што покрај тоа многу луѓе сакаат да се променат.
И така следува првиот чекор: листа на цели, а на листата: здрава исхрана, редовно вежбање, учење на време, станување порано и слично. Секако, сето ова звучи одлично и тоа се навистина позитивни цели, но интересно е тоа како на сите ни звучат слично. Затоа се поставува прашањето колку оваа листа е навистина автентична за вас. Проблемот со овие цели е тоа што штом ќе се обидете да ги примените, ентузијазмот кој сте го имале на почеток пополека исчезнува, а со самото тоа и волјата да се продолжи со менување на навиките. Иако можеби овие работи се тоа што навистина го сакате во вашиот живот, сепак тоа не е доволно бидејќи не ви е доволно лично. Доколку во целите кон кои тежнеете не постои ништо што ве движи, никакво возбудување, тогаш нема да имате причина за достигнување на истите.
Сепак, тука се јавува и друг проблем, а тоа е обидот се` да се промени наеднаш. Колку е навистина реално дека следната недела секој ден ќе станувате рано, ќе одите во теретана, а потоа на факултет, а кога ќе се вратите ќе ги прочитате фатените белешки и ќе се подготвите за утрешните предавања? Можеби тоа успева некое време, но на подолга стаза, прилично е нереално се` да се постигне наеднаш. Истражувачите на бихевиоралните промени предлагаат фокусирање на една работа, а кога таа ќе стане навика, тогаш добро е да преминете на следна.
Тоа не` доведува до третата клучна работа. Обично навиките кои сакаме да ги промениме се голем залак, а ние тоа не го забележуваме. Да кажеме дека сакате секој ден да читате 20 страни од една книга или да правите 20 склекови. Од моментална перспектива тоа не изгледа толку страшно или невозможно, но после напорниот ден веројатно нема да ви биде толку лесно.
Не постои брз и лесен начин да ги реализирате вашите цели и да го постигнете она што го сакате иако можеби различни магазини, блогови и реклами сакаат да ве убедат во тоа. Една работа треба да биде јасна: Nothing works unless you do.