Јогата е релаксирачка, медитативна вежба што ве подготвува за денот, но сега може да се постигнат исти резултати правејќи сосема спротивни работи.
„Rage Yoga“ или „јога на бесот“ има идеја да ве смири и да ве доведе до рамнотежа преку пцости, викање и пиење пиво.
Линди Истас, основач на овој правец на јога, објаснува дека целта на нејзиниот метод, кој вклучува истегнување, позициски вежби и лош хумор, е да постигне добро здравје.
- Станува збор за повеќе од вежба. „Јога на бесот“ всушност е стил на живеење - вели инструкторката.
Таа објаснува дека на редовните часови по јога се чувствувала како да не припаѓа таму.
- Се чувствував како да стојам во библиотека полна со гимнастичари - објаснува таа. Тогаш одлучила да создаде нов правец, кој многу ѝ помогнал.
- Низ практиката воспоставив силна врска помеѓу телото и умот и почнав дополнително да го ценам своето тело. Научив како да го забавам умот, како добро да се чувствувам во мојата кожа. Ми помогна во лекувањето на зависноста и при решавањето други лични проблеми - вели таа.
Ешли Дузиќ, инструктор по „јога на бесот“ од Хјустон, вели дека на многу луѓе им е потребно да научат да се опуштат и да се ослободат од она што им е вишок. Таа нагласува дека лутината е ефикасен начин да стапиме во контакт со себеси.
-
Јогата сама по себе подразбира обединување, единствено спојување со себеси. До тоа не се доаѓа само со смирување, медитирање, вежбање во тишина, како што сметаат многумина. Сите ние сме лути за нешто и во себе предолго време го чуваме бесот. Оваа метода овозможува да ги ослободите лутината и фрустрациите на здрав начин - објаснува таа.