X
 14.07.2022 Живот

Во Полска откриени 17,5 тони човечка пепел

Околу 17,5 тони човечка пепел се откриени и ископани во близина на поранешен нацистички концентрационен логор во Полска, објави полскиот Институт за национално сеќавање, кој ги истражува нацистичките и комунистичките злосторства.

Остатоците се ископани во селото Илово-Осада, во близина на местото на поранешниот концентрационен логор Ѓијалдово (на германски Солдау), околу 150 километри северно од Варшава, кој бил направен за време на нацистичката окупација на Полска во Втората светска војна.

Од инвазијата на Полска во септември 1939 година логорот им служел на нацистите како место за транзит, затворање и истребување политички противници, особено Евреи.

Некои проценуваат дека во тој логор биле убиени 30.000 затвореници, но досега историските извори не го потврдиле тоа со сигурност.

- Откривањето на локацијата овозможува да се потврди дека најмалку 8.000 луѓе умреле таму - изјави Томаш Јанковски од Институтот.

Процената е направена според тежината на пронајдената пепел.

Во 1944 година еврејските затвореници биле натерани да ги ексхумираат телата на убиените и да ги запалат за да се уништат трагите од нацистичките злосторства.

- Ќе можеме да ги објавиме анализите на ДНК, кои ќе ни овозможат да дознаеме повеќе за идентитетите на жртвите, слично како што е направено во поранешните логори Собибор и Треблинка - истакна Анджеј Осовски, научник.

Извор: Buka
Фото: Wikipedia
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот