X
 12.01.2019 Живот

Германија и Полска се тепаат за работници

Со веќе очаен недостиг на работници, полските бизниси се загрижени дека стотици илјадници Украинци на кои се потпираат може да паднат во искушение од повисоките плати малку подалеку на Запад, како што Германија ги отвора портите.

- Паника главно ги фаќа бизнисите во сточарството и градежништвото кои се потпираат на украински работници. Луѓето често илегално се вработуваат во овие сектори и овие работници ќе заминат во Германија. Но, за оние што се легално вработени во Полска ќе има помал мотив да се преселат со оглед на повисоките трошоци за живот во Германија - вели Кжиштоф Инглот, првиот човек на полска агенција за вработување.

Неговата агенција регрутирала 9.000 Украинци во име на полски работодавци.

Со оглед на тоа дека има многу Украинци што работат неколку месеци, а потоа си одат дома, тешко е да се каже точно колку Украинци работат во Полска, но процените се дека има повеќе од милион. Тие пополнуваат голема дупка која се појави кога околу два милиона Полјаци побараа подобро платени работи во Западна Европа, главно во Британија и во Германија, по влегувањето на земјата во ЕУ во 2004 година.

polska
Фото: DPA


Полската Унија на претприемачи и работодавци (ЗПП) го вклучи алармот за можен свеж работнички егзодус во ноември, кога ги дозна информациите за германските потези за отворање на пазарот на труд на најголемата економија во ЕУ за луѓе што доаѓаат од земји кои не се членки на Унијата. Нацрт-законот има цел да привлече вешти работници кои знаат германски и за нив ветува олеснети процедури за виза.

Официјалните статистики покажуваат дека околу 140.000 Украинци моментално работат во Германија, иако реалната бројка е многу поголема бидејќи оние што имаат полски визи можат да преминат во Германија, каде што платите може да бидат до трипати повисоки, во зависност од видот на работа.

Поради тоа што нивната работна сила старее, Полска и Германија се натпреваруваат во пополнувањето на недостигот од работна сила. Експертите веруваат дека бројот на непополнетите работни места ќе се зголеми во следните децении.

Најлошото сценарио, според полските работодавци, е пад на полскиот бруто-домашен производ за 1,6 отсто доколку си заминат половина милион украински работници.

Во Германија моментално се празни 1,2 милион работни места. На нацијата која брои 81 милион луѓе се очекува во следните три децении да ѝ бидат потребни 12 милиони нови работници.

Полските претприемачи и работодавци, пак, проценуваат дека Полска, која моментално брои 38 милиони жители, ќе има потреба од пет милиони работници од други земји до 2050 година.

За многу Украинци работата во странство стана спас. Стандардот во Украина е под оној на западните соседи и нацијата се бори со последиците од вооружениот сепаратистички конфликт на истокот.

Службениците проценуваат дека 3,2 милиони жители на земјата што брои 45 милиони жители имаат постојана работа во странство, додека 7 до 9 милиони наоѓаат работа сезонски. Според украинските економисти, тие работници лани до нивните фамилии испратиле околу 10 милијарди евра.

Полска е популарна дестинација за Украинците кои бараат работа надвор од татковината бидејќи е блиску и има слична култура и јазик. Но, повисоките плати се искушение за многу луѓе што сакаат да си заминат. Речиси 40 отсто од Украинците што работат во Полска истакнале дека размислуваат да побараат работа во Западна Европа, покажуваат анкетите.

За да спречи можен егзодус, ЗПП сака владата да ги рационализира процедурите за вработување на странци, да им понуди постојан престој, па дури и пат до државјанство.

Според Инглот, се очекува Полска да ги продолжи работните визи од сегашните шест месеци на една година. Тој се надева дека ќе има и понатамошно продолжување на 18 месеци.

Слични мерки се подготвуваат или веќе се усвоени во Чешка и во Словачка, две помали економии во ЕУ, кои се зависни од производството на автомобили и исто така се соочуваат со недостиг од работници.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот