Повеќе од 60.000 унгарски Евреи биле спасени од депортација во концентрациони логори благодарение на писмата во кои се наведувало дека се под заштита на швајцарската амбасада, издадени од швајцарскиот дипломат Карл Луц за време на Втората светска војна.
Така тој спасил половина од еврејското население од депортација во концентрациони логори. Овој дипломат се борел против нацистите со хартија, а не со оружје.
Роден во Швајцарија, Луц емигрирал во САД како млад човек. Таму се вработил во швајцарскиот конзулат, а потоа бил испратен во дипломатска мисија во Будимпешта.
Во тоа време Унгарија била една од силите на Оската која соработувала со нацистичка Германија. Унгарскиот регент Милош Хорти донел закон со кој се ограничувале активностите и движењето на унгарските Евреи. Во раните денови на војната унгарската армија извршила погром врз Евреите и повеќе од 100.000 унгарски Евреи биле принудени да работат на фронтот во ужасни услови.
Но, Хорти не дозволил депортација на унгарските Евреи во нацистичките логори на смртта. Во Будимпешта, Луц ги претставувал земјите што ги прекинале дипломатските односи со Унгарија поради нејзиниот сојуз со Германија. Тој почнал да работи со Еврејската агенција за Палестина, група која им помагала на европските Евреи да влезат во британската администрација на Палестина.
Илјадници Евреи, вклучително и 10.000 деца, ја напуштиле Унгарија со швајцарски документи издадени од Луц.
Ситуацијата се влошила во 1944 година кога Хитлер слушнал дека Хорти се обидувал да се дистанцира од неговите сили на Оската. Тој го отстранил унгарскиот владетел од власт и основал политичка партија на унгарските нацисти која почнала да врши терор над Евреите.
Луц бил згрозен од овие случувања, па се обидел да најде начин да спречи депортации. Така, тој добил дозвола да издаде документи за заштита на 8.000 Евреи и успеал да ги пренесе во Палестина. Ова била мала бројка ако се земе предвид дека во Будимпешта живееле 800.000 Евреи.
Иако имал лиценца само за 8.000 документи, во обид да спаси што е можно повеќе Евреи, Лук го протолкувал својот мандат како дозвола за цели семејства, а не за поединци. Тој издавал сѐ повеќе писма за заштита, а членовите на ционистичката младина незаконски фалсификувале уште неколку илјади.
Исто така, тој помогнал да се најдат безбедни куќи за Евреите во Будимпешта. За да спречи рации, Луц ја проширил швајцарската заштита на 76 згради. Една од нив, таканаречената Стаклена куќа, служела како прибежиште за 3.000 Евреи и ционистичкиот штаб.
За два месеца, 440.000 Евреи од Унгарија биле депортирани во „Аушвиц“. Преостанатите биле убиени, а некои фрлени во Дунав. Еднаш дури и Луц скокнал во реката за да спаси една ранета жена, активирајќи ги своите дипломатски овластувања. По некое чудо, Евреите на кои Луц им издавал документи не биле цел на нацистите.
И покрај притисокот од нацистичките и унгарските власти, Луц продолжил да ги спасува Евреите.
Во ноември 1944 година унгарската владејачка партија испратила 70.000 Евреи во различни концентрациони логори во Австрија и во Германија. Карл Луц и неговата сопруга ги следеле. Тие ги извлекувале луѓето од колоната секогаш кога имале можност, им давале документи за заштита и ги земале под своја закрила.
- Ова беше последната трошка надеж за тие луѓе, а за нас беше најлошата форма на духовно мачење. Видовме луѓе камшикувани со кучешки поводници и луѓе што лежеа во калта со крвави лица... Секогаш кога беше можно, возев покрај нив на патот кон концентрационите логори за да им покажам дека сѐ уште има надеж - изјавил подоцна Луц.
До крајот на Втората светска војна биле убиени 565.000 унгарски Евреи. Но, со напорите на Лук и неговите соработници, вклучително и дипломати од други земји, биле спасени 62.000 Евреи.
По војната, Луц се развел и се оженил со Марија Магдалена Граус, жената на која ѝ го спасил животот во јули 1944 година. Подоцна се вратил да живее во Швајцарија.
Денес херојството на Луц е јасно. Но, по Втората светска војна, неговите постапки биле критикувани. Швајцарија го критикувала за пречекорување на неговите дипломатски овластувања, ги истражувала неговите постапки за време на војната и го запрела неговиот напредок во кариерата.
Конечно, неговиот углед бил рехабилитиран. Но, иако Луц е споредуван со Оскар Шиндлер и други што ги користеле своите врски за да ги спасат Евреите, тој сè уште е релативно непознат.
- Законите на животот се посилни од оние што ги прави човекот. Татко ми секогаш го сметаше неговиот престој во Будимпешта и спасувањето на невините Евреи за најважниот период во неговиот живот - изјавила неговата ќерка Агнес Хирши.
Извор:
Telegraf.rs
Фото:
Wikipedia