X
 14.08.2019 Забава

Николас Кејџ потрошил 150 милиони долари во потрага по Светиот грал

Актерот Николас Кејџ некогаш беше најплатен актер во Холивуд со богатство од околу 150 милиони долари, кои не успеа долго да ги задржи. Кејџ го потрошил своето богатство на собири и често ексцентрични купувања, а на крајот се соочил со одземање на неколку недвижности. Во еден момент тој имал 15 резиденции низ светот, вклучувајќи и куќи во Калифорнија и во Лас Вегас, како и остров на Бахамите.

Исто така, тој купил и низа бизарни предмети, вклучително и гробница висока речиси три метри, стрип од Супермен од 150.000 долари и череп од диносаурус стар 70 милиони години, кој подоцна морал да ѝ го врати на монголската влада.

Меѓутоа, она што ги одведе финансиите на Кејџ во црвената зона не биле ексцентричните предмети, туку многуте недвижности.

Тој во еден период од животот медитирал трипати дневно, читал филозофски книги и одел на места за кои читал. Оваа „потрага по Светиот грал“, како што ја нарекува Кејџ, го одвела на многу места, главно во Англија, но и во некои места во САД.

Во текот на оваа експедиција тој собирал недвижности, вклучително и два европски дворци, од кои еден чинел 10 милиони долари, а другиот 2,3 милиона долари, како и селски имот од 15,7 милиони долари.

Кејџ го споредува патувањето со процесот на создавање лична библиотека.

- Сте прочитале книга, а во неа има референција на друга книга, а потоа ја купувате таа книга. За мене сето тоа беше потрага по гралот. Дали беше овде, дали беше таму... - вели Кејџ.

Неговиот конечен заклучок е: Што е гралот освен самата Земја?

Покрај финансиската пропаст, Кејџ не жали за трошењето.

- Имате добри инвестиции и лоши инвестиции. Добрите инвестиции произлегоа од личниот интерес и моето искрено уживање во историјата - истакна актерот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Забава