Постојат многу листи со најдобри серии, но ако за критериум го земеме рангирањето на веб-страницата IMDb и веб-страницата што собира филмски критики „Ротен томатос“, изборот е лесен.
Заедничко им е тоа што во својот жанр и во годините кога излегувале донеле нешто ново на малите екрани и тоа е доволна причина да бидат на вашата листа за гледање.
1. „Сопранови“
Дејството на серијата го следи Ентони (Тони) Сопрано, човек во 40-тите години кој води компанија за рециклирање отпад, татко е на две деца и истовремено шеф на италијанско мафијашко семејство. Во обид да најде рамнотежа помеѓу два сосема различни животи, тој завршува кај психологот Џенифер Мелфи за да ја излекува својата депресија. Низ шесте сезони оваа серија ќе ви покаже колку лоши работи може човек да направи иако тргнува од вистинските вредности - почит кон семејството, честа и пријателството.
2. „Наркомрежа“
Балтиморска крими-драма која уште во 2002 година го промени она што прво ви паѓа на памет кога ќе слушнете дека некоја серија се занимава со односот полиција-криминалци. Во неа првенствено нема јасни разлики помеѓу добрите и лошите момци и сето она што мислите дека го знаете во една епизода, се менува во наредната.
Покрај продажбата на дрога, серијата се занимава и со корупција во владата, училиштата и медиумите.
Во серијата се појавуваат големи ѕвезди како Идрис Елба и Вендела Пирса, а Мајкал Б. Џордан ја имаше една од неговите први улоги токму во оваа серија. Интересно е тоа што серијата е пишувана од некогашниот полициски репортер Дејвид Симон, кој приказните ги базирал на вистински случувања.
3. „Синови на анархијата“
Приказната за велосипедски клуб не звучи толку интересно додека не почнат да се откриваат тајни што ве вовлекуваат длабоко во семејството Телер/Моров.
Иако клубот има продавница за поправка на автомобили, главна работа му е нелегален увоз на оружје, продажба и заштита на камионите што превезуваат нелегална стока.
Сите приказни се сведуваат на едно прашање - што сè би направиле за семејството и клубот?
4. „Луди мажи“
Оваа историската драма пристигна на малите екрани во 2007 година. Преку седум сезони ги водеше гледачите низ бизнис-животот и приватниот живот на креативниот директор на една маркетиншка агенција, Доналд Дрејпер.
Генералната тема на оваа серија се нејзините ликови, не толку случувањата, туку нивните истакнати карактеристики, постапки, реакции и меѓусебните односи. Тоа е она што ги задржа гледачите.
Серијата не остана рамнодушна на прашањата за сексизам на работното место, измама и неверства, балансирање на родителството и кариерата, како ни на историските настани што се случувале во 60-тите години.
5. „Тргање по лош пат“
Крими-драма која во 2013 година влезе во Гинисовата книга на рекорди како критички најпофалената серија на сите времиња.
Серијата ја раскажува приказната за професорот по хемија Волтер Вајт, кој дознава дека боледува од рак и одлучува заедно со неговиот поранешен ученик да прави метамфетамин за да заработи доволно со цел да го обезбеди семејството по неговата смрт.
Нивниот однос доживува многу промени, па преку професорскиот, работниот, пријателскиот, понекогаш доаѓа и до семеен - однос помеѓу татко и син.
Многу критичари велат дека оваа серија го прикажува токму она што се случува кога ќе дојде средовечната криза, а писателот Винс Гилиган вели дека во случајот на Волтер Вајт, станува збор за криза поради крајот на животот.
6. „Куќа од карти“
Кевин Спејси и Робин Рајт како Френк и Клер Андервуд станаа своевиден симбол како светот гледа на американската политика. Серијата го следи подемот на Френсис Џуниор Андервуд, чија цел е да стане претседател на САД.
Неговата сопруга, со која има нераскинлива врска, но и комплициран однос, не е тука само за да му помогне, туку и таа има политички амбиции кои често се разликуваат од неговите.
Манипулација, корупција и криминал како резултат на крвавата борба за моќ се провлекуваат низ 65 епизоди.
7. „Пики Блајндерс“
Дејството на
серијата го следи гангстерското семејство Шелби од Бирмингем, Англија, во периодот по Првата светска војна на чело со Томас, кој се занимава со илегално обложување и местење коњски трки.
Томас е практично некрунисаниот крал на Бирмингем, но неговите амбиции отсекогаш го воделе подалеку од родниот град, а неговата снаодливост прави да веруваме дека не постои ситуација што не може да ја сврти во негова корист.
8. „Игра на тронови“
Речиси не постои личност што не слушнала за фантастичното остварување базирано на книгите „Песна за мраз и оган“ на Џорџ Р. Р. Мартин, од моментот кога излезе првата епизода во 2011 година до исчекувањето на последната сезона во 2019 година.
Мартин ја користи историјата како инспирација, но неговата епска фантастика донесе многу повеќе од која било друга историска серија. Се води борба за железниот престол и власта над Седумте кралства помеѓу семејствата, додека нивните судбини се испреплетуваат со неповратни последици.
Едно е сигурно: не приврзувајте се за главните ликови бидејќи кога ја играш играта за престолот, или победуваш или умираш.
9. „Шерлок“
Брилијантниот детектив на Артур Конан Дојл со години е интересен за различни продукциски куќи, а секоја адаптација на книгите наиде на позитивни реакции и кај публиката и кај критичарите. Но, Би-би-си заедно со Бенедикт Камбербач го префрли Шерлок Холмс во современа ера и го постигна најголемиот успех досега.
На секои две години, почнувајќи од 2010 година, се прикажуваат по три епизоди, кои повеќе личат на мали филмови отколку на епизоди од серија. Сценариото, глумата, костимите - сè е доведено до совршенство.
Мартин Фриман, чија глума на доктор Ватсон наиде на пофалби од критичарите, вели дека тој пораснал со различна слика за Ватсон, но овој новиот повеќе му се допаѓа.
10. „Црно огледало“
Научнофантастична серија за неочекуваните последици од развојот на технологијата врз човечкиот живот, од самиот почеток предупредува на она што многу брзо може да стане наша реалност. Авторот Чарли Брукер вели дека целта му била да ги прикаже сите опасности од развојот на технологијата и нашата зависност од неа.
Иако секоја епизода е посебна и не е поврзана со претходната, сите зборуваат за различните страни на една иста појава - како стануваме робови на технологијата и како тоа не можеме да го запреме.
Извор:
6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube