X
 14.09.2022 Живот

Паметно кон паметно земјоделство и храна

Производството на храна игра витална улога во глобалната економија. Земјоделството е клучниот сектор за обезбедување храна за потребите на населението и служи во функција на општ развој и стабилност на земјите. Населението расте со значителна брзина и се предвидува дека ќе достигне речиси 10 милијарди луѓе во 2050 година.

Дотогаш земјоделско-прехранбениот сектор ќе треба да обезбеди 50% повеќе храна за да може да се задоволи зголемената побарувачка. Земјоделството и обезбедувањето на храната во 21 век се соочуваат со многу нови предизвици, како состојбата предизвикана од пандемијата на ковид-19 и тековната глобална криза како резултат на војната во Украина. Сè поприсутни се и ефектите од климатските промени, кои влијаат врз обезбеденоста со храна и искористувањето на природните ресурси. Секторот придонесува за околу една четвртина од емисиите на стакленички гасови. Една третина од светската храна се губи од производител до потрошувач...

Земјоделско-прехранбениот сектор е еден од најзначајните во нашата земја, кој придонесува до 10% во националната бруто-додадена вредност во примарното производство, или околу 15% заедно со прехранбената индустрија. Нашата земја има долга и добро воспоставена традиција на производство на широк асортиман на земјоделско-прехранбени производи, со голем извозен потенцијал.

Земјоделството денес е брзо, глобално, разновидно, се потпира на важни научни откритија и сè повеќе реагира на потребите и грижата на потрошувачите за потеклото на храната, етичките принципи и здравствените аспекти.

И покрај сето ова, за жал, секторот сè уште не успева да привлече голем дел од младите луѓе. Во нашата земја годишно дипломираат околу 150 студенти во областите на земјоделските науки и храна (или само околу 2-3% од вкупниот број дипломирани студенти), а бројките и на запишани и на дипломирани студенти значително се намалуваат од година на година. Наспроти ова, потребите за млади и едуцирани генерации, кои со своето знаење и вештини ќе го водат секторот и ќе воведуваат новитети, се сè поголеми.

Новите трендови се движат од органски и регенеративни земјоделски практики, фокусирани на реплицирање на природните процеси, преку прецизно земјоделство управувано од технологијата, сè до новонастанатиот тренд на користење локални инпути во системите за циркуларно земјоделство.


Проф. д-р Александра Мартиновска Стојческа

Сè поголема присутност имаат и алтернативните земјоделски системи, новите иновативни практики и техники за производство и преработка на храна (на пр., напредно градинарство во стакленици, симбиотски земјоделски системи како аквапоника, хидропоника, агроеколошки практики, вертикално земјоделство, алтернативни и синтетички протеински производи итн.). Од скоро, подемот на дигиталното земјоделство ја поттикнува потребата за употреба на ИКТ-технологијата и податоци за донесување одлуки по должината на целиот синџир од фарма до потрошувач. На земјоделските производители и другите учесници во секторот сè повеќе им се потребни податоци, како за анализи на претходното работење така и во реално време и простор, за подобро да планираат и да го оптимизираат производството. Дигиталната и зелената трансформација се одвиваат со примена на прецизно земјоделство, со користење интернет на нештата (за поедноставување и рационализирање на производните процеси, инспекцијата и дистрибуцијата), беспилотни летала (за следење на културите, за предвидување на квалитетот на почвата, времето на сеидба, ѓубрење, заштита на растенијата и сл.), роботика и вештачка интелигенција, системи за следење низ синџирот од фарма до трпеза, машинско учење и детална аналитика. Многу од дигиталните алатки и практики придонесуваат за помалку отпад, што се препознава како еден од главните предизвици во секторот. Влијанието на климатските промени, исто така, значително се намалува со примена на добри менаџмент-практики, урамнотежена употреба на ресурсите, создавање еколошки услуги, производство на обновливи извори на енергија.



Токму во оваа насока, овој сектор е вклучен меѓу четирите главни области со потенцијал за вложување во иновации и технолошки развој во земјата во рамките на подготовката на Стратегијата за паметна специјализација (Ѕ3). Целта на оваа стратегија е градење модерен пристап на економски развој базиран на знаење, иновации и поврзување на науката и бизнисот.
Со низа инструменти и мерки кои ќе бидат вклучени во стратегиската рамка, визијата е областа „Паметно земјоделство и храна со повисока додадена вредност“ да ја зголеми конкурентноста преку знаење, технологија и иновации. Покрај секторските можности, особено се важни вкрстените иновации со другите области како, на пример: информациската и комуникациската технологија и врските со одржливост и инклузивност, дигитална и зелена транзиција на економијата, предизвиците за животната средина, климата и енергијата. Паметното развивање на секторот е возможно само преку ефикасен трансфер на знаење и иновации, зајакната соработка помеѓу деловниот сектор и академската заедница, а се разбира и вклучување на новите генерации како двигатели на паметната земјоделско-прехранбена трансформација.

Автор: проф. д-р Александра Мартиновска Стојческа
Факултет за земјоделски науки и храна-Скопје

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот