X
 14.10.2022 Живот

Протест на албанските универзитетски професори, бараат повисоки плати


Под мотото „Квалитетно образование, достоинствени плати“, денеска албанските универзитетски професори го одржаа вториот протест барајќи повисоки плати.
Тие предупредија дека доколку не се прифатат нивните барања, ќе го бојкотираат почетокот на академската 2022/2023 година на 17-ти месецов и ги повикуваат студентите да се обединат под слоганот „Инвестиција за квалитетно образование”.

Првиот човек на Синдикатот на универзитетските работници, Сандер Ковачи, на протестот што се одржа пред Факултетот за уметности рече дека премиерот ги нарекол нивните барања ултиматуми, додавајќи дека платите на наставниците не се во согласност со пазарот на трудот.
Имајќи ги предвид повисоките плати на нивните колеги во Косово, тој порача дека е време Албанија да биде како Косово, а не како Европа.

- Побаравме зголемување од 30 отсто оваа и 20 отсто следната година. Поради економската криза, ја намаливме побарувачката во знак на солидарност со оваа состојба. Премиерот ги нарече нашите барања ултиматум. Бараме од него да гледа на универзитетот со поинакви очи. Денес, професорската професија е во поинаква состојба и ниту едно барање не е земено предвид и нема зголемување. Ако го споредиме со Косово, дојде време да кажеме дека Албанија не треба да ја направиме како Европа, туку да ја направиме како Косово - рече тој.

Професорот Луш Сусај ја обвини владата за ароганција.

- Гледајќи го нивото на ароганција и непопустливост, не верувам дека ова ќе биде последен протест. Се бориме да се вратат студентите на факултетите и да не бегаат од земјава. Правиме сѐ за нив. Се бориме против корупција и криминален непотизам кој ги нападна универзитетите - рече тој.

Владата се согласи на зголемување на платите за 7 отсто од буџетот и 8 отсто од самите универзитети, што не се прифаќа.

- Јас имам плата од 600 евра со 25 години стаж. Мора да се врати нашето достоинство и да се вложува многу повеќе за квалитетно високо образование - рече друг професор.
Синдикатот на албанските универзитети предвидува дека е потребен фонд од 15 милиони евра за платите на околу 5.000 академски и административни кадри, а тоа според нив би било можно со заштеда од јавните тендери.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот