X
 26.11.2018 Живот

Обложувачниците од Албанија се селат во Македонија и во Косово

По одлуката Албанија да ги затвори обложувачниците, тие сега се селат во Македонија и во Косово, каде што овој бизнис се смета за законски, изјави Артан Шити, претседател на друштвото на обложувачници.

Според него, многу албански компании од оваа дејност и претходно имале ваква активност во Македонија и во Косово.

- Иако има еден месец до крајниот рок, 31 декември 2018 година, за затворање на сите обложувачници, околу 70 отсто од нив веќе ја прекинаа својата активност, а фирмите се избришани од евиденцијата на Централниот регистар. Досега се затворени над 3.000 обложувачници низ целата територија на Албанија - тврди Шити.

Во Албанија од први јануари идната година ќе се затворат сите спортски обложувачници. Исто така, се затвораат сите локали за електронски игри на среќа кои сега се на главните улици во градовите во Албанија и ќе бидат достапни само тие во хотели што имаат пет ѕвездички и се лоцирани надвор од градските средини.

Албанскиот премиер Еди Рама овој чекор го оправдува со фактот дека во изминатите пет години во Албанија многу е зголемен бројот на игрите на среќа како резултат на политиката што владеела кога социјалистите на Рама беа во коалиција со Социјалистичкото движење за интеграција на актуелниот претседател на државата, Илир Мета.

- Се виде дека оваа појава не оди во прилог на народот и на државата - оцени Рама.

Инаку, во текот на 2017 година албанските граѓани потрошиле над 130 милиони евра во казина, спортски обложувачници и лотарии. Гледано по глава на жител, произлегува дека на игрите на среќа албанските граѓани трошат по 46 евра, што е многу повисок износ споредено со земјите во регионот.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот