Во Бугарија неодамна е откриена измамничка мрежа која за пари фалсификувала сертификати за бугарско потекло и на тој начин преку Бугарија се добивало државјанство од ЕУ, кое може да се купи и илегално.
Државјанствата на ЕУ или неограничените европски дозволи за престој спаѓаат во оние што најтешко се добиваат во светот и поради тоа, големата побарувачка доведе до создавање нелегален пазар, на кој корумпирани службеници од многу земји во ЕУ заработуваат пари со фалсификување документи. И како тоа да не е доволно, многу земји од ЕУ сакаат и официјално да дојдат до голема заработувачка и затоа под името „златна виза“ тргуваат со државјанства и дозволи за престој заработувајќи милијарди евра.
Последен случај на недозволени махинации е забележан во Бугарија. На почетокот од минатата недела во Бугарија беа уапсени дваесетмина службеници кои долги години издавале докази за бугарско потекло на граѓани од Македонија, Молдавија и Украина, и на тој начин заработиле илјадници евра.
Тие што имаат таков доказ, според законот, можат да добијат бугарско државјанство.
За издавање сертификати е задолжена канцеларијата за Бугари во странство, САБА. На почетокот од неделава е сменет шефот на таа канцеларија, Петар Харалампиев, националистички политичар, кој се смета за водач на корумпираната мрежа.
Но, Бугарија не е единствената земја во која се прави тоа. Според истражувањата на локалните медиуми, во Романија и во Унгарија долги години се тргува со лажни сертификати за потекло.
Може и легално!
Системот што во ЕУ се нарекува „златна виза“ воопшто не е со помали димензии. Според овој систем, државјанство од некоја од земјите на ЕУ, или трајна дозвола за престој, може да добие секој што доволно ќе плати или ќе инвестира. Половина од земјите на ЕУ, меѓу кои Бугарија, Грција, Велика Британија, Летонија, Литванија, Малта, Австрија, Португалија, Шпанија, Унгарија и Кипар, нудат такви програми.
На тој начин во изминатите неколку години се купени најмалку 6.000 државјанства и 100.000 дозволи за престој, пренесуваат организациите „Транспаренси интернешнал“ и „Глобал витнес“ во заедничкиот извештај објавен на почетокот од минатиот месец. Вкупниот приход од вака продадените документи изнесува најмалку 25 милијарди евра. Програмата „златна виза“ го поттикна перењето пари и им овозможи засолниште на криминалните бизнисмени, тврдат двете организации, препорачувајќи ЕУ итно да ја укине таа практика.