X
 23.06.2018 Живот

Збогум на интернетот што го знаеме

Европскиот парламент го направи првиот чекор во освежувањето на 17 години старите регулативи поврзани со авторските права на интернет, а нивниот контроверзен предлог предизвика вистинска бура од негодувања кај корисниците и компаниите, кои сметаат дека новиот закон ќе се претвори во оружје за надзор и контрола и дека ќе ја уништи слободата на говор и ќе го уништи интернетот каков што го познаваме.

Заговорниците на новите регулативи тврдат дека станува збор само за настојување чесно да им се плати на издавачите, уметниците и другите креатори за нивната оригинална содржина бидејќи агрегаторите на содржини како „Гугл“, „Фејсбук“ и „Јутјуб“ би биле обврзани или да платат за правото да ги објават тие содржини или да користат филтри кои би овозможиле тие содржини да не се појавуваат.

Комитетот за правни прашања при Европскиот парламент (ЈУРИ) го одобри тој предлог, наречен „The Directive on Copyright in the Digital Single Market“, односно Директива за авторски права на единствениот дигитален пазар, а сето тоа мора да мине и низ пленарното заседание во Европскиот парламент и законодавствата на сите 28 земји-членки.

Не се знае кога би можело да се случи тоа, но сигурно нема да биде пред крајот на оваа или во првата половина од следната година. Првпат предложена во 2016 година, директивата би требало да ги освежи законите на ЕУ за авторските права. Иако поголем дел од директивата содржи само надградување на постојните закони и некои нови технички термини, постојат две точки околу кои настана целиот проблем. Тоа е членот 11, колоквијално наречен „данок на линкови“ и членот 13, со кој се пропишува таканаречениот „филтер за прикачување“.

Данокот на линковите би ги присилил онлајн-платформите како „Фејсбук“ и „Гугл“ да купат лиценци, на пример, од медиумите, пред да објават линкови до нивните оригинални содржини или да ги копираат тие содржини. „Филтерот за прикачување“ би требало да осигури дека ништо што ќе се вчита на интернет внатре во ЕУ не крши ничии авторски права. Пред гласањето на ЈУРИ имаше прилично гласна кампања на противниците на предлогот, кои предупредуваа дека законот има добра намера, како што е заштитата на авторските права, но дека е погрешно поставен, многу нејасно напишан и зрел за злоупотреба, како и дека само дополнително би бил корисен за големите технолошки компании, а трошоците би ги префрлил на малите и стартап-компании од ЕУ.

На почетокот на месецов, 70-ина големи имиња од интернет-сцената испратија отворено писмо во кое предупредија дека членот 13 би бил „чекор без преседан кон трансформација на интернетот од отворена платформа за споделување и иновација во оружје за автоматизиран надзор и контрола на своите корисници“ и дека големите американски платформи лесно би можеле да ги платат потребните надоместоци, но многу европски не би можеле да го направат тоа.

Противниците на данокот на линкови наведуваат дека тоа драстично би ги демотивирало корисниците на интернет да споделуваат вести и важни приказни, па дури и фотографии од летување. Вкупно 169 европски интелектуалци побараа од пратениците да ја отфрлат директивата, наведувајќи дека веројатно ќе го попречи слободниот проток на информации, кој е од витално значење за демократијата и дека веројатно ќе биде штетна за новинарите, фотографите и многу креатори на вести кои се надвор од институции, како што се фриленсерите“.

Фото: Pixabay

Член 11 - данок на линкови

Членот 11, односно „данокот на линкови“ е смислен со цел да ја скроти моќта која „Фејсбук“ и „Гугл“ ја имаат над медиумите и одредува нови правила за начините на кои можат да се споделуваат текстови на издавачи и да се цитираат нивните текстови. Онлајн-платформите би морале да им платат лиценца на издавачите за да стекнат право на линкување на нивните текстови, што во теорија би требало да донесе поправедно распределување на парите и да привлече поголем сообраќај на страниците на медиумите. Ако не сакаат да платат за лиценцата, тие мора да се осигурат дека содржината на тие издавачи не се појавува на нивната платформа.

Член 13 - филтер за прикачување

Членот 13 пропишува создавање на автоматски филтри за сета онлајн-содржина која се прикачува на интернет внатре во ЕУ. Филтрите би требало да поминуваат низ база податоци за лиценците за авторски права, внимавајќи да нема прекршоци. Би морало да биде воспоставен и ефикасен состав на желби, ако некој мисли дека неправедно е означен како прекршувач. Системот, секако, би бил скап, многу комплициран за одржување и актуализирање и подложен на манипулации. Стравот на критичарите е дека ова би можело да го претвори интернетот во оружје за автоматизиран надзор и цензура.

Кој ќе биде погоден?

Популарните мемињата во ЕУ веројатно би биле илегални.

Веќе никој не би смеел да користи туѓа фотографија или ГИФ, па да додаде свој коментар и тоа да го споделува на интернет. Музичкиот ремикс исто така би можел да исчезне бидејќи секое користење на кој било дел од нечија песна би било подложно на директивата. Теоретски, алгоритмот дури и вашата слика во маица со лик од, на пример, „Стар Ворс“ би можел да ја протолкува како кршење на авторските права
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот