Во последните неколку години отежнувањето на условите за упис на Економскиот факултет во Љубљана се одразува особено на кандидатите што доаѓаат од Македонија. Лично, проблемот го гледам во образовниот систем во нашата земја, кој продуцира генерално „само“ одлични ученици кои многу брзо излегува дека се недоволно спремни за нивото на образовниот систем во Словенија, вели младиот научник
Македонија расеала млади научници насекаде по светот. Еден од нив е Ристе Ичев (28), кој е асистент-професор на Економскиот факултет во Љубљана, а од пред некој месец и доктор на економски науки. Заминал во Словенија пред десетина години, кога на рака се броеле студенти од нашата земја, што не е случај денес.
Ви ја пренесуваме неговата успешна приказна, но и словенечкиот образовен систем кој стои рамо до рамо со најдобрите во Европа и во светот.
Ристе Ичев
Ичев е од Богданци, каде што завршил основно образование. Средното образование го завршил во приватниот колеџ „Јахја Кемал“ во Скопје, а за високото изборот му паднал на Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.
- Во средношколските денови бев фокусиран на природно-математичките науки, кои иако не продолжив да ги студирам, многу ми помогнаа во изучување на финансиската економија. Економијата, пак, како наука, отсекогаш ми беше интересна, атрактивна и динамична, така што се одлучив со неа да ја надополнам „сувопарноста“ на физиката, но притоа да го зачувам аналитичниот аспект на физиката - вели тој за своите интереси во науката.
Ичев бил една година на студентска размена на Универзитетот во Амстердам, а магистерските ги завршил на Универзитетот во Утрехт. Во 2016 година бил ангажиран и во ОЕЦД во Париз. Бил номиниран за најдобар млад научник во Словенија минатата година, а Универзитетот во Љубљана му доделил стипендија за докторските студии.
Дали се многу сменети условите за студирање сега отколку пред 10 години?
- Студирањето во Словенија е многу сменето во последните 10 години. Се сеќавам кога јас се запишав на факултет, странските студенти се броевме на една рака. Во годините што следуваа Универзитетот во Љубљана доби неколку меѓународни акредитации кои донесоа огромен број студенти од целиот свет. Акредитациите се добиваат по макотрпен пат кој е составен од континуирано усовршување и обновување на наставната програма, високо поставени стандарди за истражување и регрутирање висококвалификувани професори. Горенаведените фактори го рангираа Економскиот факултет меѓу најдобрите факултети за бизнис и економија во светот. Со високиот ранг се заострија и критериумите за упис. Во последните неколку години отежнувањето на условите за упис се одразува особено на кандидатите што доаѓаат од Македонија. Лично, проблемот го гледам во образовниот систем во Македонија кој продуцира генерално „само“ одлични ученици за кои многу брзо излегува дека се недоволно спремни за нивото на образовниот систем во Словенија.
Ичев (втор од десно) добил стипендија за докторските студии на Економскиот факултет во Љубљана
Каква е словенечката академска средина?
- Словенечката академска средина е интернационална. Само на Економскиот факултет сме повеќе од 30 професори и предавачи кои буквално доаѓаат од сите страни на светот. Во таква академска средина не е битно кој од каде е, туку колку е добар во тоа што го работи и каква е неговата претходна академска заднина. На прашањето дали сум добро прифатен, ќе одговорам со мојот личен пример. За една распишана работна позиција (професор-асистент) на Економскиот факултет имаше 18 кандидати - повеќето од Словенија, од кои некои ги познавам лично и се брилијантни истражувачи. Во таква конкуренција, каде што сите кандидати се доктори на науки, комисијата се фокусира на детали како што е квалитетот и бројот на научни трудови објавени додека кандидатот уште студирал. Да не остане само на тоа, комисијата преку препораки контактираше и мои професори од Универзитетот во Утрехт каде што претходно магистрирав. На крај, процесот на селекција резултира во тоа да ме изберат мене од 18. кандидати. Мислам дека овој пример дава прецизен одговор на прашањето дали сум добро прифатен од средината.
Кои се сферите на Вашиот интерес во економските науки?
- Предметите што ги предавам (вкупно пет) и научните истражувања во кои сум инволвиран се концентрирани во сферата на корпоративните финансии, финансиското поведение (behavioral finance) и економетријата. Во кратки црти, во овие сфери се наоѓаат темите на моите истражувања, а воедно во нив имам издадено повеќе научни труда.
Што најмногу Ве импресионира во словенечкиот високообразовен систем?
- Покрај аспектите што претходно ги напоменав, најмногу ми се допаѓа како е контролиран високообразовниот систем од државните институции. Прво, образованието на секој степен, освен докторски студии, е бесплатно. Студентите уживаат субвенции за храна во 99% од рестораните низ државата. Стипендии има за секоја ранлива и неранлива категорија на студенти, се разбира, под посебни услови. Поголемиот дел од професорскиот кадар е образован во најреномираните универзитети низ светот и тоа е усвоено како критериум за вработување.
Второ, словенечкиот образовен систем е во тесни врски со образовните системи од остатокот од Европа, Америка и од Азија. Мобилноста на студентите да студираат на партнерски универзитети е на високо ниво.
Трето, образовниот систем е под директна државна контрола. Тесната соработка меѓу државните институции и образовниот систем во Словенија дава одлични резултати.
Се дружат ли македонските студенти во Словенија? Имаат ли некоја организирана форма за да си помагаат едни на други?
- Македонските студенти ги има во голем број низ Словенија и се прилично сконцентрирани во поголемите градови, како Љубљана и Марибор. Покрај дружбата во виртуелните групи на социјалните мрежи, кои мора да кажам дека одлично функционираат за размена на информации, постојат и непрофитни организации кои им помагаат на студентите полесно да се интегрираат во системот. Овие друштва, исто така, располагаат со информации за запишување на студии, информации за добивање стипендии за македонските студенти, посредување информации за настани, натпревари и проекти од сферата на образованието и решавање проблеми поврзани со студентскиот статус и студентската работа.