X
 15.12.2019 Живот

Ученици се тресат од студ во домот во Битола, дали ќе почне втор семестар за студентите по хемија, успешните приказни на Неби Хоџа и Ристе Ичев... Што пишувавме неделава?

Ова се темите за кои пишувавме минатата недела

Нема да почне вториот семестар на Институтот за хемија во Скопје ако не им се одобрат ургентните вработувања што им ги ветија ресорните министерства. Учениците сместени во ученичкиот дом „Мирка Гинова“ во Битола се тресат од студ. Тие и нивните родители реагираат до раководството на домот, но и на социјалните мрежи дека во собите имаат по едвај 15 Целзиусови степени. Објавивме и две интересни приказни за двајца успешни луѓе, Неби Хоџа - прв човек на Стопанската комора на Северозападна Македонија и богданчанецот Ристе Ичев, кој работи како асистент-професор на Економскиот факултет во Љубљана.

Вработените на Институтот за хемија сè уште ги чекаат ветените работни места за да може институцијата да профункционира. Помина еден и пол месец по јавниот протест на вработените и студентите, а вработувања нема. Во меѓувреме редовните професори повторно облекоа бели мантили и им држат лабораториски вежби на студентите заедно со асистентите и демонстраторите.
Вработените и студентите на Институтот при Природно-математичкиот факултет во Скопје се првите од високообразовна институција во земјава што јавно излегоа на протест за да го искажат незадоволството и да посочат на проблемите со недостигот на кадар и лошите услови за работа и студирање. Проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот, вели дека протестот на 22 октомври беше нивниот крик за помош.


Од протестот на хемичарите

Учениците сместени во ученичкиот дом „Мирка Гинова“ во Битола се тресат од студ. Тие и нивните родители реагираат до раководството на домот, но и на социјалните мрежи дека во собите имаат по едвај 15 Целзиусови степени. Велат дека парното е млако и дека од почетокот на грејната сезона користат дополнителни грејни тела. Но, од безбедносни причини, раководството на Домот од минатата недела им забранило да ги користат.


Ученичкиот дом „Мирка Гинова“

Девојки што учат во средното медицинско школо и се сместени во домот се жалат дека не смеат да користат ниту фенови за да ги исушат косите, а директорката Елена Спасеновска го негира тоа. Таа е категорична дека учениците ги ветреат собите многу често затоа што некои од нив и пушат внатре, а и дека им било претопло со греалките.

Во рубриката „По скалилата на успехот“ на Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ ја имаме успешната приказна на Неби Хоџа.
Традиција, образование и професионализам зачинети со трпение, умност и чесност. Ова е рецептот за успех на електроинженерот кој на одбраната на магистерскиот труд со почит кон семејството, пријателите и комисијата рекол: „Го завршив моето хоби, сега сум подготвен да ѝ се посветам на мојата вистинска работа“.


Неби Хоџа

Неби Хоџа деновиве ја доби довербата од своите колеги и партнери и го почнува вториот мандат како прв човек на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Стои цврсто на својот став дека и во оваа мала земја може да успее секој што вистински сака да работи. Ова е неговата приказна по скалилата на успехот.
Детството му поминало со малку игра. Бил одличен ученик, пораснат во голема фамилија каде што секој требало да заработи за себе од мали години.

Македонија расеала млади научници насекаде по светот. Еден од нив е Ристе Ичев (28), кој е асистент-професор на Економскиот факултет во Љубљана, а од пред некој месец и доктор на економски науки. Заминал во Словенија пред десетина години, кога на рака се броеле студенти од нашата земја, што не е случај денес.

Ристе Ичев е асистент-професор на Економскиот факултет во Љубљана

Ичев е од Богданци, каде што завршил основно образование. Средното образование го завршил во приватниот колеџ „Јахја Кемал“ во Скопје, а за високото изборот му паднал на Економскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот