X
 05.01.2015 Образование

Професорскиот пленум не ја прифати поканата на Премиерот Никола Груевски

Откако Премиерот Никола Груевски ги повика професорите кои се против државниот испит и реформите во високото образование да се приклучат на дебатата која најпрво беше закажана во хотелот „Александар Палас“ па по негово барање се префрли во Собранието, Професорскиот пленум одби да учествува. Причините за неучеството на дебатата ги образложија преку соопштение до јавноста. Соопштението ви го пренесуваме во целост.



Среде новогодишните празници, се одвива неформален „дијалог“ меѓу Министерството за образование, некои универзитети, декани и студенти. Слушаме за предлози за подобрување на законските решенија, проследени со експресни пофалби!! Интересно, Министерството не пронајде ништо корисно во бројните факултетски и универзитетски мислења и сугести, но сега е импресионирано од свежите и инспиративни идеи од кои ке се раководи при креирањето амандмани. Заврши првото читање на Предлог законот за измени и дополнувања на Законот за високо образование. Собранието не го прифати предлогот на Студентскиот пленум, најголемиот број универзитети и факултети, Интеруниверзитетската конференција и Професорскиот пленум за прекин на законодавната постапка и повлекување на законот.

Побаравме од Собранието барем да донесе одлука за спроведување на јавна дискусија, предвидена со Деловникот, но попусто. НЕМАШЕ СЛУХ ЗА ДЕБАТА.

Одеднаш, Министерството за образование и наука се сети за потребата од “нов”, „оригинален“, „демократски“ изум, за post festum „дебата“! Реши да го „коригира“ и супституира Собранието како законодавно тело и спротивно на уставното начело за поделба на власта и владење на правото да ОРГАНИЗИРА „ДЕБАТА“. Преку Ректорот на УКИМ, како претседател на Интеруниверзитетската конференција, на 3-ти јануари , по телефон ни предложија со петмина претставници да се вклучиме во дебатата со владините претставници и со петмината професори-подржувачи на измените на законот, во хотелот „ Александар Палас“.

Професорскиот пленум, по одржаната расправа на 4.01, одлучи да не учествува во ова „дебата“ од следниве причини:

а) таа е нелегална, односно спротивна на деловничките одредби на Собранието и нелегитимна, заради отуството на студентите, од една страна, но и целосното игнорирање на универзитетските ставови, од друга.

б) таа е задоцнета и цинична, затоа што Студентскиот пленум, факултетите и ректоратите, како и Професорскиот пленум и покрај прекусото време за доставување мислења и сугести јасно го кажа својот збор, но не беа удостоени да го образложат ниту на комисиската расправа, ниту во рамките на правно заснована јавна дебата, која што можеше и требаше да се отвори по општата собраниска расправа;

в) таа е вонинституционална, затоа што ја организира Владата/Министерството, наместо Комисијата за образование, наука и спорт;

г) таа е дури и бизарна затоа што професорите кои се „против“ законските измени и професорите кои се „за“ промените, ќе дебатират со посредство на владата/министерството ,иако вториве ниту се спротивставија, ниту се изјаснија против мислењата на факултетите, чи членови се.

Ние, речиси петстотина професори од Професорскиот пленум одбиваме да бидеме сочесници во кршењето на правото и законодавната процедура;

Ние, речиси петстотина професори, подржани од речиси 20 колеги од странство, не сакаме да му бидеме „демократско“ алиби на Министерството/Владата, учестувајќи во т.н. „дебата“, која треба да креира привид на инклузивност и партиципативност во донесувањето на октроирани (подарени) законски измени и дополни.

Ние, членовите на Професорскиот Пленум не сакаме да учествуваме во „ расправа“ во која не учествуват оние кои се дел од универзитетската заедница :СТУДЕНТИТЕ! Ние, колегите од Професорскиот пленум, СТАМЕНО СТОЕВМЕ И СТОИМЕ ЗАД БАРАЊЕТО ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ, ЗА КОИШТО СМЕТАМЕ ДЕКА СЕ УШТЕ ЕДЕН ПОЛИТИЧКИ АТАК ВРЗ ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ И АВТОНОМИЈАТА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ. Ние, Професорскиот пленум бевме и остануваме за НОВ ЗАКОН, а не за законски Франкештајн! ПРОФЕСОРСКИ ПЛЕНУМ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование