12.01.2015
Образование
Ќе стави ли претседателот Иванов вето?
Денеска кај претседателот Иванов се одржа средба сопретставниците на
Професорскиот пленум и на Студентскиот пленум на кој се разговараше за
можното вето кое може да го стави шефот на државата. На денешната средба
со Пленумците, претседателот Иванов истакнал дека каков и да биде
чекорот што ќе го преземе, по ова прашање ќе настапи како државник, а не
како професор, без да прејудицира за што точно мисли.
Ова за
медиумите го истакнаа претставниците од Студентскиот Пленум, Константин
Битраков и Кирил Арсовски, кои заедно со професорите Гордана
Силјановска и Абдулменаф Беџети денеска остварија средба со Иванов.
Одржување
заедничка средба со претставниците на Професорскиот пленум, на
Студентскиот пленум и на „Граѓанската иницијатива за поддршка на
знаењето во високото образование“ предложил на денешната средба
претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов со претставниците на
Професорскиот и на Студентскиот Пленум која се одржа по нивно барање.
Претседателот
Иванов изрази загриженост за тенденцијата на поделби во академската
заедница и повика на единство и дијалог, со цел надминување на
актуелните состојби, изјавуваат од неговиот кабинет.
- Претставниците на Професорскиот Пленум и
на Студентскиот Пленум ги образложија своите видувања во врска со
предложените законски измени во областа на високото образование.
Претседателот Иванов рече дека на Република Македонија и е потребна
успешна трансформација на високото образование, се вели во соопштението.
Македонскиот
претседател најави дека во текот на утрешниот ден, по нивно барање, ќе
ги прими и претставниците од „Граѓанската иницијатива за поддршка на
знаењето во високото образование“, кои преку "контра шемата" побараа прием кај претседателот, како што тоа го
направија Професорскиот и Студентскиот пленум.
„Ви доставуваме барање за
прием со цел подетално запознавање со нашите досегашни активности, како и
целосно информирање за ставовите и мислењата на професорите кои се дел
од Граѓанската иницијатива, а во врска со усвоените измени и дополнувања
на Законот за високото образование. Убедени сме дека како Претседател
на Република Македонија, но едновремено и како професор, силно верувате
во потребата од подигнување на квалитетот на високото образование во
земјата, пред сé, во интерес на студентите, професорите, но секако и во
интерес на развојот на Република Македонија. Нашите силни заложби за
реформирање на високо образовниот систем на Република Македонија се
резултат на потребата за зголемување на неговиот квалитет, за поголемо
учество на професорите во креирањето на европската и светската научна
мисла, учество во научно-истражувачките проекти надвор од земјата,
мобилност и видливост на професорите во европскиот академски простор, и
слично. Свесни сме дека високото образование во нашата земја мора да ги
следи европските и светските трендови и практики за квалитет, да биде
компатибилно со новите знаења подготвени за соочување со глобалните
образовни предизвици, со цел создавање енергија и мотивирачка сила која
ќе ја движи Република Македонија напред во економска, политичка и
општествена смисла. Како одговорни професори сметаме дека овој клучен
предизвик не е само наше право, туку и наша голема обврска. Длабоко
веруваме во стратешки поставената врвна цел на ЕУ, создавање Европа
базирана на знаење, а во таа смисла и Република Македонија базирана на
знаење. Знаењето е клучната сила што го движи светот напред, како и
клучната сила што ќе ја движи Република Македонија напред. Крајно време е
целата македонска академска заедница да се обедини во насока на
реализирање на оваа мисија“, се вели во барањето.