Деновиве некако универзитетските професори станаа центар на медиумското внимание, можеби за прв пат во историјата на оваа држава. За жал, голем број медиуми почнаа со нереални, искривени тврдења и генерализации, во зависност од моменталниот контекст. Од друга страна, речиси ниту еден медиум во минатите години не покажа интерес пред пошироката јавност да претстави што значи да си универзитетски професор, кои се обврски, задачи и цели ги имаш, како е тоа денес, особено во Македонија. Затоа ќе дадеме некои свои видувања извлечени од сопствените искуства, животниот пат и секојдневните обврски.
Според тоа, да си универзитетски професор, значи:
-Речиси целиот живот да го посветиш на науката, на некои нови предизвици и достигнувања, на споделувања на знаењата со студентите и идните генерации, односно со оние заради кои „постоиш“ како универзитетски професор,
-Да се трудиш да бидеш најдобар или меѓу најдобрите на додипломските студии, зашто едноставно вистински го сакаш тоа што го студираш,
-Да си во исчекување година, две или повеќе дали и покрај целиот интерес што го имаш за науката, севкупниот успех и пожртвуваност, ќе го дочекаш денот да бидеш вработен како помлад асистент (тоа веќе не важи за Македонија, затоа што помлади асистенти речиси и не се примаат),
-Да бидеш меѓу најдобрите на постдипломските студии, затоа што сите од тебе тоа го очекуваат како помлад асистент,
-Да избереш „изразито специфична“ тема за магистерска работа (затоа што сепак си кандидат за асистент), на која најпосветено ќе работиш барем 2 години,
-Да внимаваш да не направиш ниту една единствена „грешка“ во факултетската и пошироката средина, затоа што тоа може крајно негативно да ти се рефлектира во натамошната кариера на институцијата, а во меѓувреме поради „грешката“ да поминеш и преку повеќе стресни ситуации,
-Да го сработиш најдобро што можеш сето она што ќе ти биде кажано од повозрасните колеги за да се надеваш дека ќе дојдеш до само првата цел – избор во асистент,
-Да знаеш дека цел живот нема да си редовно вработен – на секои 3-5 години ќе бидеш оценуван, рецензиран, избиран, преизбиран, гласан, изгласуван…а можеби и не,
-Да направиш се што можеш, заедно со менторот да ја избереш „вистинската тема“ за докторска дисертација и истата да ја работиш детално барем 3 години, затоа што таква е темата (барем во „просторните“ природни и технички науки), За време на изработката на дисертацијата, семејството, пријателите и сето останато од приватниот живот да биде во втор или трет план,
-Да си го кроиш домашниот буџет за да можеш да ги изведеш сите теренски истражувања, анализи, посети до странство со консултации, учество на неопходни конференции и слично, за да се увериш дека дисертацијата нема да ти биде „утната“,
-Да поминеш неколку месеци неизвесност, па и стрес се до завршувањето на одбраната на дисертацијата,
-Да чекаш барем неколку месеци за да бидеш оценуван дали воопшто заслужуваш да си доцент или не. Тоа не значи дека ќе бидеш избран за својата тесна специјалност; за тој момент ќе чекаш неколку години, па и децении,
-Да знаеш дека без оглед на сета претходна работа, залагања и постигања, повторно ќе бидеш оценуван, анализиран, синтетизиран, полемизиран, возвишуван, но можеби и „спуштан на земја“ на секои 5 години до крајот на работниот век и тоа од десетици, ако не и стотици колеги и професори (од демонстратор и стручен соработник, преку помлад асистент, асистент, доцент, вонреден, редовен професор, па уште еднаш редовен професор…),
-Да поминеш голем дел од времето пред компјутер, следејќи се што е значајно од областа, најавени конференции, настани, можни трудови (особено со импакт фактор), да симнуваш списанија, легално или на било каков начин, затоа што само еден реномиран труд од твојата област чини 20-50 долари…,
-Всушност, универзитетскиот професор нема работно време, ниту работни денови, ниту работен век; работните обврски често се остваруваат претпладне, попладне, навечер, на полноќ или по полноќ, обично кога другите спијат, затоа што тогаш е најтивко и имаш најдобра концентрација за работа,
-Да немаш типичен викенд, ниту годишен или било каков друг одмор, затоа што те чекаат научни трудови, работа на учебници, скрипти и други материјали за студентите, подготовка за семинари, подготовка за учество на научни собири, работа на некој проект на кој ќе го докажеш своето знаење, работа на статии заради популаризација на сопствената наука за која ниту еден друг медиум обично не се интересира (освен при некој бомбастичен настан),
-Таман кога си помислил дека ќе се одмориш неколку дена во годината, обично се јавува некој колега од тука или од странство со предлог тема за учебник, за истражување, соработка, теренска работа, веб страници, посети, или пак некој постдипломец со молба да му се помогне затоа што не знае како понатаму… Така, додека другите обично уживаат во топлите и тивки летни ноќи, ти пребаруваш по интернет, читаш, средуваш идеи, пишуваш мејлови, размислуваш што би било интересно и плата на професорикорисно, затоа што наближува твојот дед лајн или краен рок за она што треба да се сработи,
-Да се извинуваш на студентите на кои не си успеал да одговориш, или не си успеал за ден-два да ги прегледаш тестовите и проектните задачи…тие не се виновни, обично не знаат дека нивниот професор најчесто има уште неколку итни работни обврски на факултетот или надвор од него, дека можеби си заспал во 5 часот наутро, а претходниот ден си работел до исцрпеност,
-Да укажеш на своето семејство дека 80% од времето ќе мора да бидат (и да се снаоѓаат) сами, затоа што науката и наставата за одговорен универзитетски професор, бараат жртви и големи одрекувања,
-Да доаѓаш делумно наспан на работното место (после цели 5-6 часа спиење), затоа што ноќта си ја користел за работа,
-Понекогаш воопшто да не спиеш, размислувајќи дали правилно си постапил кон некој студент што си го турнал, односно положил или не, бидејќи можеби се работи за нечија „судбина“,
-Да си доволно строг, но не и престрог кон студентите, колку што можеш попринципиелен, внимателен, да ги слушаш и да се обидеш да ги разбереш, особено ако им е тешко или имаат некаков проблем, да помогнеш колку е тоа во твојата моќ,
-Задолжително да појдеш на престижна конференција од твојата област, без оглед дали имаш финансиски средства или не (тука се картичките), затоа што те повикале твоите колеги од Германија, Австрија или некоја друга западна, па и Балканска држава….затоа што си универзитетски професор. Да криеш од твоите западни колеги дека си патувал 40 часа со автобус и дека спиеш во најефтиниот хостел во градот, меѓутоа си решил и ќе ја претставиш својата Македонија во најдобро светло!
-Ако ти дојде некој колега од странство, да го пречекаш најдобро што можеш, без оглед дали имаш финансии или не…па нели си универзитетски професор, а својата држава сакаш да ја претставиш во најубаво светло!
-Да си постојано во тек со настаните, пред се од струката, но колку е можно, пошироко и надвор од неа – па сепак си универзитетски професор!
-Без оглед колку труд си вложил и вложуваш, или колку резултати имаш зад тебе, да не очекуваш дека некој ќе ти рече „секоја чест“ или „голема благодарност“ (за разлика од многу други јавни професии, струки и занимања). Затоа пак ќе имаш убаво чувство кога одиш во друга држава и кога ќе им кажеш дека си универзитетски професор, а луѓето, почнувајќи уште од царинарникот, со насмевка ќе ти одговорат „повелете професоре“!
- Сето наведено да го работиш за не повеќе од 600 евра месечно, повторно од срце и од љубов, затоа што за науката, струката и професијата уште одамна си решил да направиш се што е можно и неможно,
-Да успееш да одвоиш од месечната плата за некоја книга, понов компјутер и софтвер, некој терен во природа, планинарење, по некое дружење со семејството (за колку толку да компензираш за нивната осаменост), да седнеш со колегите на едно кафенце, да се покажеш пред студентите кога си на терен – па нели си универзитетски професор!
-Ништо да не те поколеба во работата и огромниот труд што го вложуваш – затоа што без оглед кој што кажува, пријател, роднина, колега, медиум, портал, контра-портал…знаеш дека од срце и од љубов го даваш најдоброто од себе за својата татковина!
Оваа листа не е конечна и веројатно е само просечна. Всушност, секое понатамошно размислување, ќе ја направи листата предолга, а ако треба да ја дополни и по некој колега, веројатно ќе биде бесконечна….
Автор: д-р Ивица Милевски
Извор:
ИГеографија