X
 11.12.2017 Живот

Во Бугарија се наоѓа најјужниот глечер во Европа

Сите знаеме дека во северните делови на Европа (на Исланд, потоа Скандинавија и северна Русија), како и на високите планини во централниот дел на Европа (особено на Алпите) има современи или рецентни глечери.

Нивната големина е во зависност од географската широчина и надморската височина на која се јавуваат (колку се посеверно и/или повисоко, толку обично се поголеми), потоа од експозицијата, количеството на врнежи од снег и др. На крајниот север на Европа (Исланд, Скандинавија, северна Русија), егзистираат големи плато-глечери кои понекогаш се спуштаат до морското ниво. Колку се оди кон југ, се зголемува височината до која се јавуваат глечерите, а наместо плато-тип, се јавува единствено планински тип на глечери. Така, на Алпите (на околу 45 степени северна географска широчина), планинските глечери најчесто се над 3000 метри надморска височина (на северната страна се спуштаат пониско во однос на јужната). Како јужна граница на појава на планински глечери во Европа, обично се зема 42-риот напоредник северна географска широчина (јужно од глечерската зона на Пиринеите). Појужно од тоа, температурите се релативно високи, а и планините значително пониски, поради што нема услови за постоење на типични глечери. Сепак, на изразито осојните планински страни, под високите врвови, се јавуваат неколку мали планински глечери дури и по на југ од 42-риот напоредник.


Снежника – најјужниот рецентен глечер во Европа

Веројатно ретко кој знае дека како најјужен Европски глечер, во научната литература се смета една мала, но перманентна мразно-снежна маса на планината Пирин во Бугарија. Тоа е микро-глечерот Снежника, североисточно под врвот Вихрен (2914 m), кој како таков е документиран уште во 1920-те години. Глечерот или поточно глациеретот (назив за изразито мал глечер) се наоѓа на околу 2450 m надморска височина и на 41°46’ северна географска широчина (на која на пример е градот Велес во нашата држава), сместен во циркот Казан. Оваа снежо-мразна маса има површина од околу 0,6 ha и никогаш не се топи, дури ни за време на најжешките лета. Причина за тоа е големата надморска височина, изразената осојност зад врвот Вихрен и високите карпести отсеци кои оневозможуваат сончевите зраци да допрат до глечерот. Поради погодната локација, дебелината на мразот во централниот дел е значителна и изнесува помеѓу 11 и 15 метри. Мразно-снежната маса се одржува од снежните врнежи и лавини, кои обично се јавуваат од октомври до јуни. Во најнискиот дел, овој мал глечер долг околу 100 метри, изградил типична челна морена со лачна должина од 130 метри. Според најновите истражувања се смета дека микро-глечерот Снежника настанал уште во Малото ледено доба, пред најмалку 500 години.

Првата детална студија за Снежника е изработена во периодот 1957 – 1961 година, од страна на Владимир Попов од Институтот за географија при Бугарската академија на науки (БАН) во Софија. Најновите истражувања пак се главно од страна на д-р Емил Гачев, кој детално ги следи промените на глечерот, поради нивната поврзаност со климатските промени во вој дел на Европа. Токму поради климатските промени, односно глобалното затоплување, за жал постојано се намалува површината на овој мал уникатен глечер, па сосема можно е за неколку децении истиот потполно да исчезне.


Снежника, длабоко под врвот Вихрен (2914 m) на Пирин 

Поради самата положба и солидната достапност (покрај него водат патеки кои понатаму се искачуваат кон врвот Вихрен), овој мал глечер е голема туристичка атракција која секако треба да се види.

Автор: д-р Ивица Милевски / iGeo

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот