X
 06.02.2018 Образование

Колку високи врвови (над 2000 метри) има Шар Планина?

Како што е познато, Шар Планина (Титов Врв, 2747 m) е втора по височина планинска структура во Република Македонија, по корапскиот планински масив (Голем Кораб, 2753 m). Сепак, според површината над 2000 m (на територијата на Република Македонија), таа е убедливо најдоминантна, со речиси 180 квадратни km, што е половина од површината над 2000 m на сите (12) високи планини заедно. Затоа не е ни чудно што оваа планина има убедливо најголем број високи врвови (над 2000 m).


Бидејќи во географската литература се споменува различен број на врвови на Шар Планина повисоки од 2000 метри, со комбинација од повеќе постапки се потрудивме да го добиеме нивниот точен број. Сепак, уште на почетокот се јави проблем на идентификација на „вистинските“ врвови, бидејќи на еден планински гребен или срт, секое поизразено возвишение може да се смета за одделен врв. Ние се ограничивме на врвовите како морфолошки јасно одвоени највисоки и доминантни точки (со индекс на доминантност) меѓусебно оддалечени најмалку 150 m. Во постапката првин е извршена дигитализација на идентификуваните врвови од топографските карти кои ја опфаќаат Шар Планина (25К и 100К). Потоа во софтверот Global Mapper е изведено полуавтоматско диференцирање на специфични топографски точки од детален дигитален висински модел (5 и 15 метри). На крај е изведено преклопување на податоците и визуелно филтрирање на врвовите. На тој начин се идентификувани вкупно 167 врва над 2000 m, што е еднакво на вкупниот број врвови над 2000 m на сите останати 11 високи планини во Република Македонија. Од споменатите 167 врва, дури 40 се над 2500 m, а од нив 12 се над 2600 m. За споредба, на корапскиот масив има само 5 врва над 2600 m, а следната планина е Пелистер, со само 1 врв кој всушност е точно 2600 m.


Највисоката „тројка“ на Шар Планина: Титов Врв (2747 m), Бакрдан (2704 m) и Мал Турчин (2702 m). 


Шар Планина „може да се пофали“ со 3 врва над 2700 m, и тоа највисокиот – Титов Врв, со 2748 m, потоа Бакрдан со 2704 m и Мал Турчин, со 2702 m. Трите врва се поставени во вид на триаголник, меѓусебно раздалечени само 1-1,5 km. Просторно гледано, две третини од високите врвови на Шар Планина се наоѓаат на главното планинско било на границата со Косово, а останатите најмногу се сконцентрирани во подрачјето околу Титов Врв.

Врвот Средни Камен (2465 m) на Лешница (Фото: Милевски, 2017). 

Покрај тоа што има најголем број високи врвови, врвовите на Шар Планина се морфолошки (па и геолошки) интересни, најчесто обликувани со плеистоцената глацијална ерозија, периглацијалните, а во поново време и со флувиоденудациски процеси. Истите се со прекрасен панорамски видик кон локалниот простор, но и кон подалечните подрачја. Особено треба да се напоменат 3. споменати врва над 2700 m, потоа врвот Љуботен со 2498 m, Бриставец со 2675 m, потоа Голема Враца со 2582 m, Кобилица со 2528 m, Шереметица со 2476 m, врвот Плат и други. Речиси сите споменати врвови не се изразито тешки за искачување, а погледот од нив (посебно кон глацијалните езера во подножјето) и уживањето во природата, претставуваат неповторливо доживување, без оглед дали е тоа во зима или во летниот период од годината.


Поглед кон локалитетот Лешница, долината на Пена и врвот Скакала (2517 m) во заднината, од Титов Врв (2747 m). (Фото: Милевски, 2010). 

Автор: д-р Ивица Милевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование