X
 11.01.2015 Економија

Какви работници им се потребни на најбогатите европски земји?

Големиот број високообразовани е проблем кој се наоѓа и во другите европски земји покрај нашата. Во најбогатите земји во Евроската унија има недостаток од луѓе со средно стручно училиште. Но, северните земји имаат потреба и од високообразовани лица.


Интернет-страницата „The Еuropean job mobility portal“ открива кои работници се бараат во најбогатите земји во Европа.

Австрија и Германија бараат работници со средно стручно образование

Австрија е третата најбогата земја во Европската унија. Овде има многу високообразовани, па оттаму и недостатокот од кадар со ниски квалификации, како градежни работници. Овде се потребни и електричари и водоинсталатери. Потребни се и луѓе за работа во туризмот и угостителството, особено готвачите и келнерите.

Ситуацијата е слична и со Германија. Но, во земјата расте невработеноста, па со тоа се намалува и потребата од странски работници. Најмногу шанси за наоѓање работа во оваа земја имаат мехатроничари, електричари, механичари и продавачи, како и здравствените работници и возачи на јавен превоз.

Оние со факултет може да се обидат посеверно

Изминатата година, Шведска објави недостаток на работна сила, поради што ги отвори вратите за странските работници. Оваа земја има најголем недостаток од техничари, а сè поголема е и потребата од просветни работници. Работа може да се најде и за информатичките технолози, здравствените работници и градежниците.

Кога се работи за Холандија, најмногу се бараат продавачите. Потоа, потребни се и информатичари.

Ирска е најдобро место за високообразованите. Освен во информатиката, до работа може да најдат професионалците од фармацијата, биотехнологијата и хемијата. Потребни се и книговодители, статистичари и аналитичари.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија