Најчесто зборовите „освежување“ и „патување до работа“ не одат во иста реченица, но во Швајцарија некои жители патуваат до работа пливајќи во река.
Во текот на летните месеци во Берн може да се видат туристи и локални жители како се капат во реката Аре. Иако повеќето од нив го прават ова поради забава, некои го прават како начин за превоз.
Евелин Шнајдер-Рејес, која живее во Берн, раскажува дека ја става својата облека, како и телефонот и часовникот, во водоотпорна торба и плива од работата до дома. Таа поминува околу 15 минути во водата.
Во Базел некои локални жители го прават тоа на реката Рајна. Покрај реката има места каде што пливачите можат да се пресоблечат.
- Пред работа, по работа, возрасни, деца, кучиња, сите пловат низ Рајна бидејќи струјата е многу силна - изјавила корисничката на „Тик-ток“ Алексас, која живее во Базел.
Сепак, од градовите предупредуваат дека пливањето во реките не е за неискусните пливачи и жителите треба да бидат многу внимателни.
Извор:
Insider
Насловна фотографија: Pixabay