Нова веб страна наречена „Hacker's List“ на нејзините корисници им нуди светска класа на хакери. Исто така, таа нуди услуги на изнајмување хакери за бришење на несакани фотографии од одредена веб страна, добивање пристап до база на податоци на одредена компанија или добивање пристап до нечиј меил.
Според извештаите, во помалку од три месеци работи, страната понудила повеќе од 500 работни места за хакерите чии вештини клиентите ги изнајмуваат. Сопственикот на веб страната, која работи анонимно, добива финансиски надомест од секое изнајмување на хакер, и му нуди на клиентот да плати тогаш кога проектот е готов од „изнајмениот“ хакер.
Се чини дека постои недостиг на хакери, па токму поради тоа сопственикот на оваа страна има навистина одлична идеја. Имено, една жена од Калифорнија нуди 500 долари на хакер кој ќе успее да го хакне меилот и Фејсбук профилот на нејзиното момче за да види дали ја изневерува. Човек од Шведска вели дека ќе му плати до 2.000 долари на хакер кој ќе ја хакне страната на неговиот газда.
Додека некои од работите кои се бараат на „Hacker's list“, како влегување во меил на некоја личност се нелегални, основачите на веб страната тврдат дека тие се изолирани од било каква правна одговорност бидејќи тие не охрабруваат и не оправдуваат било каква нелегална активност. Покрај тоа, страната вклучува 10 страни услови на кои сите корисници мораат да се согласат, со кои јасно се кажува дека се забранети „услуги за било какви нелегални цели“.
Меѓутоа веб страната доби неочекувани посетители откако се појави на насловна страна на „The New York Times“, во врска со нејзиниот бизнис.
„Како што некои од вас забележаа, го надградуваме нашиот сервис ова утро“, пишуваше во меилот до нивните клиенти. „Сите сме навистина зафатени ова утро, обидувајќи се да ги средиме неочекуваните проблеми од преголемата посетеност и заинтересираност за овој вид услуга“.
Непристапноста на веб страната доведе до шпекулации дека „Hacker's list“ можеби е хакирана. Меѓутоа, еден од трите основачи на страната вели дека проблемите биле едноставно резултат на премногу интернет сообраќај од нормалното. „Веб страната стана вирална“, велат сопствениците.
Сопствениците на „Hacker's list“ се обидуваат да останат анонимни засега и нема да го откријат нивниот идентитет. Тие тврдат дека веб страната е легитимен бизнис иако некои од огласите за работа се чинат нелегални, како на пример пробивање во нечиј меил или профил на Фејсбук.
Во меилот до нивните клиенти, сопствениците ги потестија регистрираните корисници да го користат само системот за наплата на веб страната за размена на пари меѓу клиентите и хакерите за да избегнат директно плаќање за услугите кои ги бараат. Исто така, тие ги советуваат клиентите да бидат внимателни и да не испраќаат лични информации во проектите и да користат приватни пораки за понатамошни информации.
Советите за користење на приватни пораки доаѓаат затоа што огласите за работа се видливи за сите кои се регистрира како корисник.
„Taia Globla“, консултантска фирма за сајбер сигурност, објави извештај во кој предупредува за „платени хакерски групи“ кои ги изнајмуваат богатите бизнисмени и компании за да ги пробијат конкурентните мрежи и да ги украдат тајните на корпорациите. Фирмата овој сервис го нарече шпионажа и смета дека претставува растечки проблем за компаниите кои работат во воздушната и одбранбената индустрија.