X
 28.06.2017 Технологија

Како да препознаете дека лозинката ви ја „прочитале“ хакери?

Долго време се веруваше дека лозинката овозможува безбедна заштита на вашите податоци  складирани во компјутерите, паметните телефони, банкарските сметки и личните профили на социјалните мрежи. Што покомплицирана лозинка, составена од комбинација на големи и мали букви, броеви и знаци, значи и посигурна заштита од надворешни упади. Но, дали ова е токму така?

Бројните упаѓања во познатите светски мејл-сервиси и социјални мрежи, покажаа дека не секогаш е доволно да се проектира комплексна и „цврста“ лозинка, ако хакерите можат да најдат начин  да стигнат до неа преку „задниот“ дел од системот што го користите.

Тогаш, како може со сигурност да препознаете дали вашата лозинка е во рацете на хакерите и дали треба да ја промените за да ги заштитите вашите лични податоци?

Пред сè, стручњаците истакнуваат дека за секој сервис што го користите, треба да имате различна лозинка. Потоа, треба редовно да ја менувате. Не еднаш годишно, иако и тоа е подобро отколку никогаш. Во просек, би требало лозинката да ја менувате на месечно ниво, или веднаш кога ќе забележите некаква „чудна“ активност во вашиот систем.

Се разбира, сервисите веднаш ќе ве известат доколку им се случи упад во системот и кражба на кориснички податоци, но тогаш е веќе доцна.

Ако сакате да проверите дали вашата лозинка се наоѓа меѓу украдените, може да ја користите интересната веб-страница зад која стои австралискиот експерт за компјутерска безбедност, Трој Хант.

Се работи за веб-страницата Have I been pwned, каде е доволно да ја впишете вашата мејл-адреса и за неколку моменти ќе можете да дознаете дали истата била компромитирана.

Хант ја покренал оваа страница во 2013 година, кога по упадот во системот на Adobe беа компроминтирани повеќе од 150 милиони корисници. Како што самиот појаснува, имал два мотиви за покренување на оваа страница: пред сè, сакал да ја освести јавноста дека упади во системите се случуваат сè почесто, а целта му била да ги предупреди корисниците дека секој може да стане жртва на таков напад.
 
Втората причина била полична, бидејќи како комјутерски експерт сакал да биде во тек со таквите напади, за да може да развива начини и методи како да ги спречи, односно да ги направи системите со кои работи поотпорни на хакерски упади.

Хант потенцира дека доколку вашата лозинка не се наоѓа на списокот на компромитираните, страницата нуди можност да побарате известување доколку се случи тоа, како еден вид заштита на вашите сметки и приватни податоци кои ги сте ги аплицирале на истите.

Како заклучок, најдобар начин на заштита сепак е добра и „силна“ лозинка  составена од комплесни комбинации од букви, броеви и знаци и тоа различна за секоја ваша сметка. Ако ви претставува проблем да ги запомнете сите различни лозинки, послужете се со програмата која ќе ги помни наместо вас – password manager.

Кога и да сте во можност, употребувајте двостепена верификација.Таа освен лозинката од корисникот бара и дополнителна идентификација или со запишување на ПИН код, кој се испраќа на друга мејл-адреса, на мобилниот телефон или на некое трето место.

Никогаш немојте да ги запишувате лозинките на компјутерот. Подобро запишете ги на некој лист хартија и ставете го на сигурно место, каде што само вие ќе имате увид до него, а не и хакерите.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија