На денешниот состанок, студентите од пленумот УКЛО од Битола, со консензус одлучија да им се приклучат на нивните колеги од Скопје и да ги окупираат факултетите.
Како што велат студентите, дополнително ќе ја информираат јавноста и медиумите кога и каде ќе започне окупацијата.
„Сметам дека е потребна блокада на факултетите. Зошто? Затоа што 4 месеци, студентите, средношколците, професорите, односно сите што беа против овој закон, беа игнорирани. Четири месеци беа испраќани барања за средба и беа игнорирани. Беа затворани врати од факултетите во Битола. Не можевме да одржиме студентски пленум на нитуеден факултет, освен во една прилика на Техничкиот и таа средба беше инкогнито одржана. Студентите постојано беа игнорирани. Се обидоа на една дискусија во Скопје да присуствуваат која беше закажана на еден од факултетите каде што е место за дебати, не се одржа на факултет, туку експресно беше преместена во Министерство каде на студентите им беше забранет влез во дебата каде се разговараше за нивната иднина“, велат студентите.
Пленумот известува дека формирани се работни групи коишто ќе дејствуваат внатре во факултетите за време на окупацијата.
„Се обидовме со институционални мерки, пробавме со протести, кој друг чекор ни останува, освен блокада? Некои сугерираат да не одиме со блокади затоа што премиерот рече ќе се одложи мерката. Но ништо не е одложено, сега закажуваат експресни седници за изгласан Закон и сега ние не требало да се премислуваме. Тие можат да се премислуваат, а ние немаме право. Како прво, Законот не е одложен, но и да е одложен ние не баравме одложување, туку укинување на тој Закон, затоа што не е проблемот само во државниот испит, туку проблематични се сите одредби во Законот донесен во јануари 2015 година, а не беше вклучен ниту еден релевантен фактор. Токму затоа ние сме за блокада, затоа што немаа слух досега, не веруваме на ветувања ниту во иднина“, се јасни студентите.
Окупацијата доаѓа како крајно решение на студентите откако, како што велат тие, власта е глува за нивните барања и ги игнорира нивните протести.