X
 09.10.2019 Образование

Како се прославува Денот на наставниците во различни земји?

Светскиот ден на наставниците одбележува глобален документ, првпат донесен во 1996 година, во кој се утврдени правата и одговорностите на наставниците.

Светскиот ден на наставниците, кој се прославува на 5 октомври секоја година, има цел да се фокусира на почитување, проценување и подобрување на наставниците во светот.

Темата оваа година беше „Младите наставници: Иднината на професијата“, а организаторите го насочуваат вниманието на потребата да размислуваат за начини да се привлечат најпаметните умови и млади таленти во професијата.

И земјите низ светот на различни начини им оддадоа почит на наставниците.

наставници
Фото: ЕРА


Во Естонија наставниците толку се почитуваат, што можат да си одат дома на овој ден, а учениците сами ги одржуваат часовите.

Во Виетнам, каде што денот се слави на 20 ноември, учениците честопати ги посетуваат домовите на своите учители за да им подарат подароци или цвеќиња, организираат забави во нивните училишта и излети.

Во Индија Денот на наставниците се слави на 5 септември, кога се одбележува роденденот на Сарвепали Радхакриснан - филозоф кој бил втор претседател на земјата. Тој се смета за еден од најважните индиски интелектуалци на 20 век. Наводно, во една пригода го прашал поранешниот владетел на СССР, Јосиф Сталин: - Што добива човек ако го освои цел свет, а ја изгуби душата?

Денот на наставниците, кој во Индија се слави од 1962 година, се прославува така што наставниците и учениците одржуваат прослави во училиштата со кои се одбележуваат придонесите на наставниците во општеството. Постарите ученици ги заменуваат местата со наставниците во некои училишта во знак за благодарност.

Учениците го избираат наставникот што најмногу ги инспирирал на натпреварот наречен „Златен Амос“.

Во Панама Денот на наставниците е на 1 декември и тогаш му се оддава почит на Мануел Хозе Хуртадо - градежен инженер и едукатор за кој се смета дека е татко на образованието во централноамериканската земја.

Тој ги основал првите јавни училишта и колеџи за наставници во обид да го подигне нивото на писменост и да се справи со ендемичната беда.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование