Деветнаесет студенти од повеќе општини на Македонија присуствуваа на тренингот за врснички едукатори на темата "Родова демократија" во Етно Село, Куманово, организиран од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. За време на тренингот идните млади едукатори преку тематски работни групи идентификуваа клучни области и теми кои се однесуваат на родовата рамноправност. Покрај родовата дискриминација и демократија, студентите дискутираа и за бенефитот и важноста од постоење на родовата еднаквост, формите на родово базирано насилство, родовиот идентитет и родовите улоги, родовата социјализација, односно се совладуваа вештини потребни за да се стане врснички едукатор.
Елизабета Божиновска од Х.Е.Р.А. вели дека во нашето општество постојат многу родови стереотипи, меѓу кои дека жените самите се виновни поради тоа што не се вклучени подеднакво со мажите во политиката, пазарот на труд и останатите сфери од општественото живеење.
„ За да се постигне родова еднаквост во нашето општество потребно е да се препознаат различните потреби кои ги имаат мажите и жените, и општеството да одговори на овие потреби за да им се даде на жените и мажите еднаква можност да се вклучат во сите текови од општествениот живот. Преку постигнување на родова еднаквост максимално ќе биде искористен потенцијалот на сите граѓани без разлика дали се мажи или жени, а со тоа граѓаните ќе имаат посреќен и поисполнет живот од една страна и значајно ќе придонесат во економскиот развој на земјата од друга страна “ – вели Елизабета Божиновска, програмски раководител во Х.Е.Р.А.
Благородна Шопова од Националниот совет за родова рамноправност СОЖМ смета дека доколку жените и мажите се подеднакво застапени во сите сфери на општественото живеење ќе имаме поквалитетна благосотојба во нашата демократска држава.
„ Родовата демократија е од исклучително значење во секое општество, за таа цел овој пат наша целна група при стручно оспособување за родовата демократија беа младите. Односно што подразбираме под родова демократија, подразбираме подеднакво учество и на жените и на мажите во сите општествени процеси. Сметам дека жените можат да дадат голем придонес доколку нивната застапеност во економијата, во процесите на донесување на одлуки, во политиката, и во сите сфери на општетсвеното живеење биде подеднакво избалансирана со мажите ќе доведе до еден прогрес кон унапредување на квалитетот на живеење и благосостојбата во заедницата “ – вели Благородна Шопова од Националниот совет за родова рамноправност СОЖМ.
Проектот на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Од Родова Нееднаквост до Родова Демократија“ започна со имплементација во Септември 2014 и ќе трае до Мај 2015.
Овој проект е поддржан од Schuller Helfen Leben, Германија. Во склоп на проектните активности, тековно се одржуваат тренинзи за врснички едукатори на тема „Родова Демократија“ кои ќе опфатат 60 тина млади, студенти и средношколци. Истовремено се изработува и прирачник за врснички едукатори наменет да им послужи на идните врснички едукатори како корисна алатка во спроведувањето на врснички едукации на оваа тема. Главните цели на овој проект се подигнувањето на свеста за родовата нееднаквост во македонското општество, унапредувањето на знаењата на оваа проблематика кај младите, поттикнувањето на младинскиот активизам како и приближување на методот врсничка едукација како современа и моќна алатка.
Автор: Сунаи Сабриоски