X
 09.08.2019 Живот

ЛГБТИ Ромите се жртви на интерсекциска дискриминација. Овие граѓани се истовремено жртви на расизам, хомофобија и трансфобија

Понижени и навредувани од околината и со загрозени права и достоинство, Ромите од ЛГБТИ-заедницата секојдневно се соочуваат со пекол

„Немавме право да пиеме кафе во кафуле зашто сме Роми и геј. Не ни дозволија да седнеме“.
Ова е само еден од многуте примери што ги посочуваат ромските припадници на ЛГБТИ-заедницата кога тема се нивните права, односот на околината кон нив, но и односот во институциите, па и на целото општество кон нивната сексуална определба.
- Ни рекоа дека за цигански педери таму немало место и дека треба да одиме во гасна комора - велат тие.
Објаснуваат дека постојано се во вкрстен оган. Од една страна се сиромаштијата, невработеноста, сегрегацијата во речиси изолирани средини и нискиот степен на образование, а од друга страна се стигматизирањето поради нивната трансродовост и сексуална ориентација, што оди дури и до нееднаков третман во здравствените, социјалните и другите државни институции, па сè до лично деградирање.
Овие луѓе секојдневно се соочуваат со пекол. Велат дека се понижени, навредени и повредени, со згазен интегритет. Пекол се и омразата и несолените шеги што се прават на нивна сметка.

Жртви на расизам, хомофобија и трансфобија


Драгана Дрндаревска, правна советничка од „Коалиција Маргини“, вели дека најнапред треба да имаме предвид дека кај ЛГБТИ-луѓето од ромската заедница се пресекуваат ефектите од расизмот, од една страна, и хомофобијата и трансфобијата, од друга страна, па ваквата состојба доведува до уште поголема маргинализација и до последиците од неа, како што се изложеност на насилство, дискриминација, сиромаштија и отежнат пристап до образование, добра и услуги, социјална заштита, здравство....

Драгана Дрндаревска

Според неа, тие луѓе се изложени на дискриминација во своите матични средини, а потоа и во јавните институции каде што треба да ги остварат своите основни човекови права.

- ЛГБТИ-луѓето од ромската заедница се соочуваат со предрасуди во ромската заедница поради сексуалната ориентација и родовиот идентитет, а во ЛГБТИ-заедницата ќе се соочат со предрасуди поради припадноста на ромската етничка заедница. Стигмата и предрасудите во институциите што даваат јавни услуги го отежнува пристапот на повеќе начини. Најнапред, најголем дел од вработените што овозможуваат услуги имаат предрасуди и не сакаат да работат со овие заедници, па ЛГБТИ-луѓето од ромската заедница можат да се сретнат со директна дискриминација проследена со нееднаков третман, деградирачко и недостоинствено однесување. Понатаму, институциите треба да бидат сензибилизирани за специфичните проблеми со кои се соочува оваа заедница со цел да креираат услуги кои можат да одговорат на потребите и фактички да придонесат за унапредување на состојбата - вели Дрндаревска.

Пречките во здравствениот систем се најтешки

Третманот и односот кон овие луѓе и во здравствениот систем не е ништо подобар бидејќи, како што вели Дрндаревска, во Македонија, генерално, пристап до квалитетни здравствени услуги имаат мал процент на привилегирани граѓани, но лошата состојба во здравството непропорционално повеќе ги погодува маргинализираните групи граѓани, како ЛГБТИ-луѓето од ромската заедница.

- Дискриминацијата кон Ромите во здравството се одликува со одбивање здравствени услуги, чекање за здравствена услуга подолго од другите пациенти, вознемирување преку навредувачки и деградирачки коментари. ЛГБТИ-луѓето во здравството се соочуваат со предрасуди поврзани со ХИВ, недостиг на специјализирани услуги за машко сексуално здравје, гинеколози кои не се сензитивни кон потребите на лезбијките и бисексуалките - објаснува нашата соговорничка.

Таа додава дека за трансродовите луѓе здравствениот систем е уште понепристапен бидејќи повеќето трансродови луѓе се соочуваат со стигма уште при редовните здравствени услуги, особено ако при добивањето на здравствената услуга е потребно да разговараат за родовиот идентитет. Оваа состојба, според Дрндаревска, доведува до избегнување да се користат здравствени услуги дури и во ситуации кога е неопходно.

- Другиот проблем е недостигот на специјализирани здравствени услуги поврзани со медицинското приспособување на родот кои ќе бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување. Ако ја земеме предвид сиромаштијата како проблем кој е уште поистакнат помеѓу трансродовите луѓе од ромската заедница, лесно заклучуваме дека медицинското приспособување на родот кое треба да се плати приватно е недостапно - појаснува Дрндаревска.

Стигматизирани и физички изолирани во сиромашни средини

Покрај овие примери на институционална дискриминација, овие луѓе се соочуваат и со двојна дискриминација - по основа на етничка и по основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

- Најчесто се работи за интерсекциска дискриминација, односно дискриминација поради ЛГБТИ-статусот и припадноста на ромската етничка заедница. Постојат многубројни примери на поединечни случаи на дискриминација кон ЛГБТИ Ромите. Во „Коалицијата Маргини“ имаме документирано повеќе случаи на одбивање пристап до добра и услуги на базени и угостителски објекти. На пример, во еден случај група млади геј-мажи Роми биле одбиени да влезат во еден скопски локал, а кога едниот од нив се побунил, келнерот кажал дека во локалот нема место за „цигански педери“ и дека требало да се „испратат во гасна комора“. Покрај поединечните случаи на дискриминација, уште позагрижувачки се формите на структурна дискриминација кон оваа група, како проблемот на сегрегација, односно физичко изолирање на Ромите во одредени населби каде што условите за живеење се многу полоши од остатокот од градот, потоа сиромаштија, невработеност, низок степен на образование. Овие проблеми се видливи индикатори за структурна нееднаквост која не зависи од личните капацитети на поединците, туку е последица од нееднакви можности за успех и интеграција во општеството - вели Дрндаревска.

Се плашат да си ги бараат правата

Пристапот до институционална заштита е исто така ограничен поради страв од виктимизација, недоверба во институциите, недостиг на поддршка и ниски знаења за сопствените права и постапките за заштита.
- Ова е повторно прашање на пристап до јавни услуги, поконкретно пристап до правда. За да пријавите дискриминација, случај на насилство или друга повреда на права, треба да знаете да ги препознаете, да си ги знаете правата и да имате поддршка во средината и од страна на институциите за пријавување на случајот. Недостигот од горенаведените фактори, недовербата во институциите и стравот од виктимизација резултираат со непријавување на случаи - објаснува нашата соговорничка, која секојдневно се соочува со вакви случаи во „Коалиција Маргини“.

Фото: Pixabay

Поради тоа, случаите каде што се жртви ЛГБТИ Ромите најчесто се документираат во „Коалиција Маргини“, но тие, иако здружението обезбедува правна помош, ретко се согласуваат случајот да се пријави во надлежна институција. Исто така, додава Дрндаревска, се забележува нормализација на дискриминаторскиот третман и насилството бидејќи повеќето од овие луѓе израснале во средини каде што немале можност да добијат достоинствен третман, а ретко кој од нив има можност да излезе од средината, да добие информации за правата или да формира поддржувачка средина. Затоа, голем дел од ЛГБТИ Ромите во Македонија се иселуваат или, пак, прават планови за да се иселат од државата.
За да се реши ова и да се намали дискриминацијата, потребни се длабоки промени, а најпрво, како што вели правничката, треба да се почне со спроведување на законите согласно уставниот принцип на еднаквост на сите пред законот, а потоа државата да инвестира во еднаквоста преку афирмативни и други специјализирани мерки кои ќе придонесат за подобрување на состојбата со Ромите и ЛГБТИ-луѓето, како што се квалитетно и пристапно образование, таргетирање на насилството кон ЛГБТИ-луѓето во образованието, поддршка за вработување, кампањи за адресирање на стигмата, превенција и заштита од насилство, изградба на капацитетите на институциите за справување со насилство.

Невладиниот сектор е јасен: Казни за дискриминација мора да има

- Дополнителен проблем, без кој е невозможно надминување на проблемите, е неказнливоста на вработените во институциите кои дискриминираат или деградираат врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет, расна и етничка припадност. Ова доведува до перпетуирање на дискриминацијата, охрабрување наместо казнување и избегнување на одговорност на вработените во институциите. Сметам дека новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација е добар почеток, но допрва ќе следиме дали тој соодветно ќе се имплементира - смета Дрндаревска.

Според неа, за справување со дискриминација потребни се ефективни и ефикасни казни кои ќе имаат одвратувачки ефект врз сторителот, наместо симболично казнување или предупредување. Со казнувањето на дискриминаторот државата брани уставна и општествена вредност, клучна во демократските општества, така што не е прифатливо симболичкото казнување.

- Во општество каде што нееднаквоста на различните групи граѓани е олку видлива не смееме да дејствуваме реакционерно, односно да се чека на поединците да пријават случај, па властите да реагираат со заштита на жртвата. Поединците од маргинализираните заедници не ни имаат можности да пријават случај. Наспроти ова, неопходна е превенција, јакнење на капацитетите и на свеста кај клучните институции, спроведување на програми и други стратешки документи за унапредување на состојбата, т.е. поширока општествена акција која мултисекторски ќе ги адресира проблемите во сите области како домување, образование, здравство, вработување, социјална заштита, пристап до правда, и ќе овозможи суштествена наспроти формална еднаквост - предупредува нашата соговорничка.

Проф Кениг: Да се интервенира во системот на едукација е една од приоритетните промени

Проф. д-р Николина Кениг од Институтот за психологија при Филозофски факултет во Скопје вели дека во недостиг на релевантни емпириски податоци може само да се претпостави дека со оваа заедница се случуваат слични процеси како и со останатите двојно дискриминирани групи, односно тоа дека стигматизацијата е пожестока, последиците од неа се многу подетриментални, а можностите за нивно надминување се многу помали.
- Ако се земе предвид конкретниот контекст - маргиналната позиција на Ромите, на која се надоврзува вџашувачкиот интензитет на омраза и агресивни испади кон ЛГБТ-заедницата, придружени со нивно толерирање од страна на институциите надлежни да ги санкционираат, не е тешко да се претпостави дека тие се изложени на највисок ризик од сите форми на насилство, континуиран страв, стрес, анксиозност и депресивност. Сето ова се одвива во услови во кои тие главно имаат отежнат пристап до сите услуги за здравствена и психо-социјална заштита или до институции каде што искуствата со директна дискриминација, односно насилство би се довеле до некаква правна разврска - вели професорката.

Проф. д-р Николина Кениг / Фото: psihesko.org

Меѓу многубројните промени што би требало да се направат, проф. Кениг ја истакнува таа за која мисли дека е приоритетна - неопходноста сериозно да се интервенира во системот на едукација врз основа на темелна ревизија на курикулумите.
- Анализите покажуваат дека кај нас образованието не само што е хетеронормативно туку и сè уште се провлекуваат наставни содржини оптоварени со експлицитни хомофобични пораки, дури и во учебници наменети за критични професионални профили, на пример, лекари и психолози. Во училиштата, систематичното хомофобично малтретирање е секојдневие за многумина, а проблемот ретко каде воопшто се препознава. Крајно време е на новите генерации да им се овозможи образование кое во вистинска смисла ќе биде сензитивно и неосудувачко за какви било различности, вклучувајќи ги и тие во сферата на родовиот идентитет и сексуалната ориентација - додава проф.Кениг.

Решенија и помош

За решавање на ваквата состојба, „Коалицијата Маргини“ овозможува правна помош и документирање на случаи на дискриминација, насилство и други повреди на права, како и помош на трансродовите луѓе во постапката за правно признавање на родот, поддршка и поврзување со здравствени работници кои имаат искуство со медицинско приспособување на родот.

Неформалната група „ТрансФорма“, исто така, работи и со трансродовите луѓе од ромската заедница на јакнење на нивните капацитети и креирање поддржувачка средина. Притоа, дополнително се зајакнува заедницата преку обуки за препознавање на повредите на правата и споделување информации за начините на пријавување и заштита.

Во Шуто Оризари постои и младинскиот центар „Сакам да знам“, управуван од асоцијацијата ХЕРА, каде што ЛГБТИ Ромите можат да се обратат за гинеколошки прегледи и советувања, дерматовенеролошки прегледи, тестирање за ХИВ, психо-социјални советувања, општ (училиштен) лекар, врсничка едукација, правно советување, за кондоми и за едукативни материјали. Сите овие услуги се бесплатни, доброволни и доверливи, велат од овие организации.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот