Веројатно веќе знаете дека вчера беше одржана првата средба на рбаотната група составена од МОН, Ректоратот на УКИМ, Студентски пленум, Професорски пленум и Студентски парламент на УКИМ. Она што се случи тогаш беше следново.
Во 16:00 бевме во Ректоратот. Сите од составот на работната група беа пристигнати, освен Министерот за образование и наука. Тој пристигна заедно со Зоран Ставревски во 16:15. Не' пуштија да влеземе во салата за состаноци за да направиме фотографии.
Таму го видовме и Кирил Спирковски, претседателот на СПУКМ.
Излеговме надвор за да започне средбата.
4 и пол часови подоцна (откако Министерот веќе одамна беше заминат) добивме соопштение. Соопштението е следново:
„Врз основа на излагањата беше договорено низ отворен дијалог да се дојде до заеднички решенија за унапредување и обезбедување на квалитетот во високото образование.
Во таа насока беше заклучено да се формира работна група со претставници од Универзитетот вклучувајќи ги студентскиот и професорскиот пленум, како и претставници на МОН која во рок од 30 дена ќе изготви анализа на состојбите врз основа на која ќе се дефинира концептот за изработка на законски текст за високото образование.
Истовремено беше договорено во наредните денови повторно да се одржи средба во истиот состав.“
Што соопштува соопштението?
Ни ние не знаеме. Некои медиуми го протолкуваа како најава за подготовка на нов закон за високо образование, додека други најавија само анализа на ситуацијата.
На крајот, сите новинари останаа без изјави кои им беа ветени и ги чекаа 4 и пол часови.
Студентскиот пленум одржа состанок за средбата синоќа. Го чекаме нивното соопштение за јавноста.