Ова е процес во кој само сите заедно можеме да успееме, предизвици ќе има многу. Важно е да имаме континуитет во наставата, тоа е поважно од сѐ. Ваков тип платформа може да функционира. Се вклучија и директорите и тие се во постојана координација. Ги повикуваме и средношколците и родителите да имаме континуитет, со различните ситуации што ни се случуваа. Ако можеме да видиме дека Израел и Хрватска се соочуваат со уште поголеми предизвици, и ние сме на добар пат - рече министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната прес-конференција.
Таа дополни дека само со поддршка и од наставниците и од децата ќе имаме успешна учебна година.
- Мора да внесеме повеќе смиреност во овој процес, да дадеме поддршка, зашто секој дополнителен стрес ќе нѐ доведе до погрешна перцепција и вознемиреност кај најмилите – децата. Ова е ситуација за справување со новоста. Секоја промена е тешка. Дигитализацијата е благосостојба за нашето општество и овие наши наставници и кога ќе нема коронавирус, ќе ги имаат дигиталните вештини. Не гледам опција да немаме успешна учебна година - истакна Царовска.
Таа дополни дека учебната година ќе започне според зацртаниот план, но како ќе се менува епидемиолошката состојба, така ќе се менува и начинот на наставата.
- Не станува збор за желби. Ќе воспоставиме формален начин на комуникација, желбите оваа година ќе бидат само желби. Мора да се соочиме со реалните ситуации и препораките на здравствените експерти. Ако тие дозволат, зошто не би ги почитувале? Училиштата се создадени за тоа, да бидат полни со деца и со наставници - рече Царовска.
На прашањето дали може да се помогнат семејствата што немаат технички уреди, Царовска истакна дека за 30 дена не е возможно да се направи голема набавка компјутери. Затоа МОН се одлучи за алтернативи, како што е следењето настава на телевизија.
- Уште првиот ден донесовме одлука сите деца на флексибилен начин да се опфатат во образовниот процес. Токму затоа за секое дете што нема ИТ-уред има наставна содржина на МТВ што ќе почне од утре на македонски и на албански јазик. Тоа е еден од начините како да стигнеме најблиску до секое дете. Сепак, ние сме држава во развој и овој модел не е непознат и за другите земји во развој. Дополнително, училиштата што имаат услови можат да обезбедат по едно до две деца што немаат услови за онлајн-настава да следат настава во училница додека се држи онлајн-настава.
„Мајкрософт тимс“-интеграцијата профункционира и веќе работат на подготовка на утрешниот ден, истакна Царовска и му се заблагодари на целиот тим што работеше во изминатите четири недели за подготовка на националната платформа. 30 национални обучувачи и 1.600 наставници ги поминаа обуките за платформата, додаде таа.
Предизвици секако ќе има, но истите ќе ги надминеме тековно во соработка со наставниците, учениците и родителите, рече заменик-министерот за образование и наука Арафат Шабани.
- Сега е можност да покажеме што научивме од пандемијата и дека со почитување на мерките можеме да создадеме модерно образование во вонредни услови. Платформата е прв чекор кон овој процес и иако доаѓа во краток период и како диктат на околностите, платформата ја покажува дигиталната транзиција на образовниот систем - истакна Шабани.
Министерката упати апел да се почитуваат сите мерки за децата што ќе следат настава со физичко присуство.
- Деновиве гледам и совети на родители што упатуваат апели за бојкот на онлајн-наставата. Факт е дека нема ништо подобро од настава во живо, но мора да покажеме дека се грижиме не само за здравјето на нашите деца туку и за јавното здравје. Мораме да ги следиме препораките на здравствените експерти. Ова не е нечиј каприц, дали некој сака да дозволи или не настава со физичко присуство - истакна Царовска.