X
 14.03.2015 Образование

Битолскиот средношколски пленум обвинува за притисоци врз учениците

plenum

 

Директорот на СОУ Гимназијата „Јосип Броз - Тито“ од Битола, ги „советувал“ координаторите од сите класови да не учествуваат во Средношколскиот пленум - пишува битолскиот средношколски пленум на нивната Фејсбук страна.


Тие се обраќаат кон директорот со зборовите дека тие се доволно зрели и свесни за неквалитетот на образованието во Македонија, и секако, доволно храбри за да не подлегнат на притисоците.

„Не не` демотивирате, напротив, со вакви глупави постапки, меѓу кои и одбивањето на барањето за просторија, не` револтирате и уште толку не` охрабрувате да се избориме за нашите права“, стои во Фејсбук статусот на Средношколскиот пленум.

На статусот реагираше и самиот директор Кирил Печалев: „Менторот и автор на овој текст нека дојде лично кај мене во канцеларијата за да го информирам како се одвиваше разговорот и кои се законските норми за отстапување просторија на здруженија во кои членуваат и ученици кои не се од нашето училиште, а нe од памет да пишува и да се крие зад пленумците“.

 


 

Поради притисоците од директорите, изреагира и Наставничкиот пленум со објава дека најостро ги осудува постапките кон одредени директори кои ја попречуваат демократската партиципација на учениците во училницата.  Подолу можете да ја прочитате целата објава.



РЕАКЦИЈА ДО СИТЕ ДИРЕКТОРИ КОИ ЈА ПОПРЕЧУВААТ ДЕМОКРАТСКАТА ПАРТИЦИПАЦИЈА НА УЧЕНИЦИТЕ ВО УЧИЛИШТЕТО

Наставничкиот пленум најостро ги осудува постапките кои одредени директори ги преземаат со цел да ја попречат демократската партиципација на учениците во училиштата. Повод за тоа се неколку вести објавени во медиумите во врска со забрана за користење простории или убедување на учениците дека не треба да се здружуваат во Средношколски пленум.

Почитувани директори,

Член 12 од Конвенцијата за правата на детето вели дека децата имаат право слободно да го изразуваат своето мислење на кое треба да се обрне должно внимание согласно нивната зрелост. Токму тоа, не само што им дава за право, туку и ги обврзува училиштата да ги учат учениците на демократска партиципација на тој начин што ќе овозможат организирани форми на активно вклучување на учениците во демократските процедури.

Во продолжение, уште во Концепцијата за деветгодишно основно воспитание и образование (2007 г.) се стимулира принцип на активно учество на учениците во животот на училиштето и тоа:

„Училиштето ќе овозможи активно учество на ученикот во одвивање на сите активности во училиштето кои се однесуваат на него. Ова подразбира:

а) обезбедување атмосфера и услови што ќе ги стимулираат учениците да формираат свое сопствено мислење и слободно да го изразуваат тоа мислење; и

б) градење механизими и процедури кои ќе им овозможат на учениците да вршат влијание врз одлуките и случувањата во училиштето.

Овој принцип го содржи и правото на секое дете да бара, прима и дава информации, да учествува во процесите на одлучување и да се здружува со другите деца заради посоодветно формулирање и манифестирање на своите потреби и интереси.“

Оттука, вие како директори, секако и ние како наставници, треба да бидеме први кои ќе воспоставиме партнерски однос со учениците проткаен со заемна доверба и чувство дека чекориме заеднички на патот кон развојот. Училиштата треба и мора да поттикнуваат и поддржуваат демократски активности на сите учесници во училишниот живот и по пат на дијалог да бараат заеднички решенија. Веќе подолго време учениците во нашата земја се подложни на критика за преголемата пасивност и незаинтересираност за активна партиципација. Сега, кога конечно такво нешто се случува, да ја одиграме нашата воспитно-образовна улога до крај. Да им дозволиме на учениците да ги изнесат своите ставови и да им помогнеме во процесот, а не да им ги поткаструваме крилјата.

Училиштето е многу важен фактор кој треба систематски да ги подготви учениците за реалноста што ги очекува надвор од него. Во зависност од тоа какви идни граѓани сака да создаде, такво треба да биде и самото училиште. Во наш интерес, во интерес на училиштето, учениците, родителите и целото општество е да создаваме ученици кои критички ќе размислуваат и формираат свои ставови на дадени теми, а особено теми што ги тангираат директно. Учениците треба да бидат третирани како индивидуи со свои права, како рамноправни на возрасните. Само така ќе успееме да развиваме способни и одговорни граѓани кои ги почитуваат правата на другите.

Со почит,

Наставнички пленум
Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование