X
 23.04.2015 Образование

"Ние сме целина која нема да ја растурите!!"

Од средното  медицинско училиште во Битола, преку Широк Сокак, до зградата на општината, битолските средношколци денеска излегоа на вториот протестен марш, спротиставувајќи се на, како што велат, лошите образовни реформи.

 

средношколци


Со транспаренти „Доста беше молк“, „Ние сме иднината“, „Ајде сите со нас“, но и со директно обраќање преку мегафоните, ги повикаа сите Битолчани да им се приклучат и да им дадат поддршка. Ги повторија своите барања упатени до Владата и до министерот за образование Абидалќим Адеми, за враќање на стариот модел на матура и укинување на екстерното тестирање.

ФОТО: Една слика, илјада зборови.... 

„Манипулантите не` заробија во нивните длабоки канџи од кои бидете сигурни дека ќе излеземе. Знаеме вешто да чекориме и со зборови да ги победиме нивните реформи полни со неправда. Спроведувате закони, без да знаете дека во иднина вашите деца ќе се срамат од она што го направивте во образованието. Ние стоиме на нозе и свесни сме за се` што се случува, спремни за борба со луѓе кои сакаат да не` направат исполнителни машинчиња без мозок и интелигенција. Знаете ли како е 30 прашања да ви го уништат цел труд вложен во 9 месеци од една учебна година? Ние сме тука и подобро ќе биде да го слушнете нашиот глас. Ние сме будни и нема да дозволиме неправилни одлуки за нас. Ние сме целина која тешко ќе ја растурите, тука сме и покрај многуте закани притисоци и понижувања“, му порачаа средношколците на министерот Адеми.

Поддршка добија од своите родители и од  Наставничкиот пленум од Битола.

„Реформите кои што треба да се прават и за кои ние сите треба да се избориме сите ние, треба да бидат реформи на слобода на духот, никако реформи за покорност. Начинот на кој што се испитува вашето знаење е најлошиот, затоа што тоа не е реално знаење, тоа е меморирање. Тестовите се само еден од начините на оценување. Вие треба да учите мислење, вие треба да учите како се учи“, им се обрати на средношколците Снежана Петровска, пензиониран професор од Средното техничко училиште во Битола.

Средношколците најавија, дека доколку надлежните продолжат со игнорантскиот однос кон нив, бојкотот на наставата ќе продолжи и понатаму.


Погледнете ја галеријата од средношколскиот марш во Битола.

Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование