Јубилејното 40. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ свечено ќе биде отворено вечерва во Центарот за култура во Битола. Фестивалот ќе го прогласи за отворен претседателот Стево Пендаровски, а дел од свеченоста ќе биде и доделувањето на „Златната камера 300“ за животно дело на големиот светски и американски кинематографер Едвар Лакман.
Еден ден пред почетокот на фестивалот Лакман пристигна во Македонија. Тој изјави дека е многу заинтересиран за историјата на фестивалот „Браќа Манаки“ и е среќен што е поканет на јубилејот на фестивалот.
Лакман со децении се наоѓа на врвот на американските и светските кинематографери, со неколку филмови оскаровски кандидати и со 2 номинации за „Оскар“.
На годинашниот добитник на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, композиторот Љупчо Константинов, наградата ќе му ја врачи Игор Иванов-Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.
На свеченото отворање публиката во Центарот за култура во Битола ќе го види и перформансот чиј режисер е Срѓан Јаниќијевиќ, кој вели дека тој е во контекст на годинашното мото на јубилејното издание на Фестивалот.
- Се работи за своевидно синематично доживување во кое и публиката е вклучена како актер, како еден фрејм од „филмот“. Доживување во кое реалноста се претопува во уметност и обратно. Перформансот го работиме со Искра Шукарова и режисерот Јохан Мелин од Шведска - вели Јаниќијевиќ.
Сценографијата е на Марија Ветероска и Влатко Чачоровски. Костимите се на Марија Папуческа. Музиката е ремикс на Илија Цветковски од тема од „Среќна нова 49-та“ на Љупчо Константинов. Во перформансот (покрај публиката) учествуваат студенти на ФМУ (катедра за балетска педагогија) и Стефанија Милев.
По свеченоста на отворањето, во Центарот за култура ќе се одржат две проекции на најновиот филм на Педро Алмодовар - „Болка и слава“. На премиерата на филмот ќе присуствува и кинематограферот Хозе Луис Алкаине.